[Интервју] Петар Стојковиќ: Влегувам во политиката за унапредување на ЛГБТИ правата

Актерот Петар Стојковиќ преку Фејсбук најави дека ќе влезе во политиката како член на Либерално демократската партија што го прави првиот отворено геј политичар во Македонија. Во интервју за Радио МОФ, Стојковиќ говори за неговиот политички ангажман, одлуката јавно да ја соопшти својата сексуална ориентација и состојбата со ЛГБТИ правата во Македонија.

Неодамна направивте јавен „каминг аут“ и преку колумна на јавноста и соопштивте: „Да, точно е. Јас сум педер.“ Хомофобичната атмосфера која во моментов владее во медиумите би премислила многумина од оваа одлука. Зошто се решивте на ваков чекор?

Многу луѓе ја разбраа пораката на мојата колумна, но има и такви кои, за жал, не ја разбраа. Јас не направив „каминг аут“ за да се рекламирам или да градам кариера на тоа, туку за да ја истакнам важноста од вреднување на индивидуата според квалитетите кои ги поседува како човек на приватен и професионален план, а не според полот, расата, бојата на кожата, националното или општественото потекло, религијата, сексуалната ориентација, политичкото или друго убедување, сопственоста, раѓањето или друг статус.

Веднаш по јавното декларирање на сексуалната ориентација, вашата куќа беше каменувана. Како живеат ЛГБТИ лицата во земјава и дали се чувствувате безбедно?

Оваа Влада, наместо да се движи во насока на промоција на еднаквост и заштита од дискриминација, водејќи се според нејзината популистичка стратегија продолжува со приватни изјави и континуирани кампањи кои ја продлабочуваат стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето, правејќи ги уште поранливи и изложени на евентуални насилства од омраза поради охрабрувачките сигнали од институциите на системот за неказнивост на сторителите на такви злосторства во изминатиот период. Ако декриминализацијата на хомосексуалноста во 1996-та година е единствениот напредок во поглед на унапредување на човековите права на оваа маргинализирана заедница, тогаш Македонија можеме да ја лоцираме во XIX век кога во Холандија хомосексуалниот акт станува легален во 1811 година.[Интервју]: Петар Стојковиќ: Влегувам во политиката за унапредување на ЛГБТИ правата

Владата во овој состав има преземено обврска да ја вклучи сексуалната ориентација во законот за спречување и заштита од дискриминација како дел од патоказот за укинување на визите. Првото читање на законот за спречување и заштита од дискриминација во Собранието помина со сексуалната ориентација како една од основите за дискриминација, а потоа истата беше изоставена со амандман, откако визиите беа укинати. Македонија, односно ВМРО-ДПМНЕ со ова раководство, ја изигра Европската Унија безобразно и ефтино. Горчливиот вкус во Брисел остана и тоа Европската Комисија го повторува секоја година во извештајот за Република Македонија. Во однос на тоа прашање нема да има попуштање од ЕУ. Напротив! А ние колку и да се силиме дека на финта сме ја измамиле ЕУ, на крајот самите себе сме се измамиле, бидејќи семејство се гради врз основа на договор, почит и доверба.

Позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ заедницата во Република Македонија се навистина загрижувачки. Анализите од извештаите на домашни и интернационални организации говорат за насилството, дискриминацијата, понижувањето и третманот кон ЛГБТИ луѓето како психички растроени лица кои треба да бидат истребени како не би ја ширеле болеста наречена хомосексуалност. Да се биде отворено геј не е воопшто едноставно, ниту пак безбедно во оваа држава каде нѐ перцепираат како болни луѓе кои го уништуваат хетеронормативното општество и „здравите“ вредности на религиозните заедници. За среќа добивам бескомпромисна морална, логистичка и правна поддршка од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ центарот за поддршка и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ кои значително ми го олеснуваат секојдневното функционирање.

На Фејсбук најавивте дека ќе влезете во политиката како член на Либерално-демократската партија. Дали Петар Стојковиќ станува првиот отворено геј политичар во Македонија?

Можеби сум прв кој вака отворено се декларира во интервју или е директно прашан да одговори. Но сигурно има и други што се отворени во однос на својата сексуална ориентација, барем што се однесува до Либерално-демократската партија. На пример, во Централниот одбор на ЛДП прилично отворен во однос на својата сексуална ориентација е Емил Кирјас, за кој тоа не било табу ниту во периодот кога бил државен секретар во МНР. Инаку, освен тоа што се приклучив на ЛДП, исто така сум член на ЛГБТИ работната група на Либералната Интернационала.

Вашиот политички ангажман ќе биде исклучиво посветен на ЛГБТИ правата?

ЛГБТИ заедницата не е единствената маргинализирана група. Во слична или иста позиција се наоѓаат ромската заедница, жените, претставниците на невладините организации, медиумските работници и други. Има многу отворени фронтови каде е потребна партиципацијата на сите нас како граѓани кои треба да дадеме свој придонес за подобрување и надминување на етничките, религиските, политичките и социјалните поделби во општеството. Мојот политички ангажман ќе биде посветен на европската иднина за сите граѓани на Република Македонија.

Каков е просторот за ЛГБТИ прашањето во партиите во Македонија? Многумина го сметаат за крајно непопуларно кај гласачкото тело (за разлика од хомофобијата) па во изминатиот период многу од партиите кои според „идеологија“ се либерални, успешно ја избегнуваа оваа тема. Дали ЛДП отворено ќе застане зад политики кои се бават со унапредување на човековите права на ЛГБТ луѓето во земјава?

Игнорирањето на прашањата поврзани со ЛГБТИ заедницата не можам да го квалификувам никако поинаку освен како хипокризија, калкуланство и бркање политички поени на штета на цела една група граѓани притоа заборавајќи дека истите тие се дел од гласачкиот електорат на оваа држава. Сосема е нормално за една либерална партија да се бори за заштита од секаква форма на институционализирана дискриминација. Логично и природно е дека ЛДП во таа насока ќе продолжи да ги брани интересите меѓу другите и на ЛГБТИ заедницата. Веруваме дека различноста е извор на јачина и дека општеството добива кога секој е слободен да го живее својот живот онака како што сака, без дискриминација и со можност за остварување на максимумот на сопствените потенцијали. Ние и во иднина посебно ќе инсистираме на внесување на сексуалната ориентација како основа за дискриминација во постоечкиот закон.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ достави предлог до Собранието за промена на Уставот со кои бракот се дефинира исклучиво како заедница помеѓу маж и жена. За да се донесат уставните измени, предлогот ќе мора да биде поддржан и од други партии, бидејќи за измените е потребно двотретинско мнозинство. Кои се вашите проценки, како ќе постапат СДСМ, ДУИ и ДПА по ова прашање и кој е вашиот став за предложените измени?

Како да не им е доволна штетата што досега им беше причинета на членовите на ЛГБТИ заедницата, ВМРО-ДПМНЕ дополнително чувствуваат потреба да ја забетонираат нивната дискриминаторска политика со уште едно спомен обележје на нивното владеење. Но, воопшто не е за изненадување овој стратешки потег за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и предизвици со кои се соочува нашата држава како криминалот, корупцијата, замолчувањето на медиумите… Дури не ме изненадува ниту фактот што вакви барања доаѓаат од конзервативна партија што во своите редови, исто така, има лица со поинаква сексуална ориентација кои сложно живеат криејќи се под превезот на традиционалните вредности. Со овој предлог ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш докажа дека сака Македонија да ја отцепи од планетата Земја. Нема што да им објаснувам за светските процеси, за слободата, за тоа како прашањето се решава во други земји. Само ќе кажам еден збор: Колумбија – па нека простудираат што таму се случи, односно што Врховниот суд му наложи на Конгресот, иако во Уставот бракот е дефиниран како заедница на еден маж и една жена. Она што го очекувам од другите партии е да не паднат на ефтиниот спин-трик на ВМРО-ДПМНЕ, туку на интелигентен начин да ја демаскираат целосната хипокризија на предлагачите и бранителите на овој „инвентивен уставен амандман“. Не би сакал да изнесувам предвремени и паушални проценки за останатите партии во Собранието, но искрено се надевам и сакам да верувам дека СДСМ, ДУИ и ДПА ќе застанат во одбрана на напредните цивилизациски вредности и нема да дозволат стагнација и назадување на земјата.

Ѝ кажавте ли збогум на актерската кариера?

Градење актерска кариера во Македонија, зарем е воопшто можно да размислувам на оваа тема без благослов од владеачката партија во моментот? Сепак, актерството и понатаму останува мојот примарен позив во животот. Но, во рамките на моите капацитети дел од мене секогаш ќе биде посветен на политиката и граѓанскиот активизам.

 

Кристина Озимец