[Интервју] Натали Башоски, фотограф: Њујорк е град создаден за мене

Фотографијата и видеото се медиумот со кој таа комуницира и го пренесува својот став, а емоциите и спонтаноста се нејзиниот веќе препознатлив стил. Станува збор за младата охриѓанка Натали Башоски која е стипендист на Уметничката академија на институтот Прат во Њујорк. За неа, најголема мотивација се луѓето кои ја опкружуваат и токму тоа е она што најмногу и недостасува од Македонија.

Нејзиниот најнов проект, серијалот со фотографии „Балкански лица“, го прикажува вистинското секојдневно лице на еден просечен Балканец. Таа вели дека наместо зборови, фотографиите се тие кои комуницираат, дозволувајќи им на луѓето сами да ги толкуваат.

„Ме интересира како изгледаат луѓето, што прават и што приказна носат со себе, и кога ги сликам на улица, спонтани, се прикажува реалноста што е околу нас и реалноста како што јас ја гледам. Секој што ги гледа моите фотографии, го гледа мојот свет, кој е ист како и на секој друг, но јас го прикажувам на поинаков начин“, вели Башоски за Радио МОФ.

Таа е родена во Холандија, но како мала со своите родители се преселува во охридско Пештани, каде за првпат ја добива желбата за фотографија. Според неа, техниката се учи со многу експериментирање и труд, за да се отслика една емоција или атмосфера.

Њујорк, од друга страна, пак, привлекува со своето динамично темпо и разноликоста, вели оваа млада охриѓанка, која смета дека прилично лесно се вклопила во тамошниот систем.

„За мене беше многу лесно да се вклопам, мислам дека Њујорк е град создаден за мене. Ми беше авантура и сè ново“, вели Башоски, која додава дека тоа што била оставена сама на своја одговорност, ја направило одлучна во остварување на своите цели.

Во однос на образованието, пак, таа вели:

„Начинот на предавање, почитта во една училница, како професорот се однесува со ученикот, прави ученикот да сака да е таму, а она што јас го искусив тука е дека ниту професорот, ниту ученикот, не сакаат да се на училиште. Овде, студентите и професорите се повеќе мотивирани, додека во Македонија тоа често го немаше додека бев во средно училиште. Исто така, тоа што сум на уметничка академија ми дозволува да сум опкружена со секаква уметност, а не само со таа што се занимавам“.

Сепак, високите цени во Њујорк знаат да бидат огромна бариера за студент од Македонија, кој дошол да студира без стипендија, забележува Башоски.

„Мислам дека студент од Македонија не би успеал да преживее месец во Њујорк, со просечната плата во Македонија. Јас имам среќа што сум со стипендија, инаку е премногу скапо. Студент без пари би бил на работ на преживување, би спиел на улица“, вели Башоски.

Во разговор за Радио МОФ, таа за момент се осврнува и на моменталната состојба во Америка, каде ситуацијата ескалираше по бројните случаи на полициско насилство врз Афро-американци.

„Се забележува дека има многу расизам во цела Америка. Јас имам среќа што сум во Њујорк и таму се поотворени луѓето и помалку се забележува проблемот, но се препознава. Имам многу пријатели коишто се чувствителни на таа тема, не знаат да се шегуваат, не сакаат, може веднаш да се навредат. Кај другите студенти што се Афро-американци многу проекти се вртат околу движењето Black Lives Matters“, објасни Башоски.

Покрај фотографијата, нејзин начин на комуницирање со пошироката јавност е и видеото. Таа досега направи неколку видеа, во кои се разработуваат повеќе општествени сегменти, од неразделивата врска помеѓу луѓето и нивните мобилни телефони, до животот на улица во развиен град како Њујорк.

Башоски вели дека видеата се резултат на нејзиното постојано талкање низ градот и дружбата со голем број луѓе.

Таа нагласи дека би се вратила во Македонија да снима филм, но поинаков од она што досега сме го виделе, или како што вели, посовремен.

„Сакам нешто што не е во врска со историјата, бидејќи сите македонски филмови се историја. Сакам да биде сегашност, или како јас ја искусувам Македонија. Мислам дека кога би снимала филм, би бил за тоа како јас ја гледам државата“, рече Башоски.

Е.П.