Интервју на Славој Жижек за хрватски „Јутарњи лист“

Популарниот филозоф Славој Жижек беше еден од угледните светски професори кои пред неколку недели се потпишаа на писмото за поддршка на студентите во Македонија. Меѓу постојаните патувања, предавањата, телевизиските настапи и промоции на неговите бројни книги, Жижек деновиве беше во Загреб, каде во интервју за Јутарњи лист зборува во свој, директен стил, на многу теми. Еве дел од интервјуто на Жижек со новинарот Доброслав Силобрчиќ.

Имате многу бурен живот зад себе. Сега имате 65 години, а се уште сте „enfant terrible” на светската филозофија.

– Можеби сум. Но, пријатно ме изненадува тоа што оние книги, оние дебели книги кои ги напишав, на пример, за Хегел – дека добро се продаваат. Тоа е сосема друга публика од онаа која ги чита моите вицови. Знаете дека напишав книга на вицови?

Во која фаза е денес филозофијата? 

Од 80-те години на минатиот век беше фазата на постмодернизмот во филозофијата. Грубиот натурализам, научни книги за мозокот, дарвинизмот и поагресивните атеисти… значи радикалниот материјализам. Од друга страна, истовременмо се јавуваат некои анализи на дискурсот, нема реалност, се е само јазична конструкција. Релативизам, радикален историцизам. Така беше до неодамна. Сега се појавува повторно нешто ново: враќање кон метафизиката. Повторно е дозволено да се прашуваат „големите прашања“: Што е смислата на животот? Што е реалноста? Дали сме слободни битија?

Ги знаете ли вие, филозофите, одговорите на „големите прашања“? 

Мислам дека филозофијата е многу поскромна дисциплина отколку што мислат луѓето. Во основа, тоа секогаш го повторувам, филозофијата не дава големи договори, туку само – ги расчистува прашањата. Филозофијата не ја интересира толку одговорот, да открие нешто ново, колку што ја интересира испитување на она што веќе го знаеме. На пример, кај науката, филозофијата сака да знае на кој и на каков начин ние и пристапуваме на природата во модерната наука? Ние ја сфаќаме природата како еден механизам. Го објаснуваме разбирањето на природата. Или, слобода? Филозофското прашање не е дали сме слободни или не сме, туку што ние подразбираме кога некому ќе кажеме: ти си слободен. Примитивно речено, слободен сум кога немам некоја присила, туку јас сам, слободно нешто избирам. Одам во кино или не одам, патувам во Кина или останувам дома? Слободен избор. Дали е тоа слобода? Тоа ја интересира филозофијата. Денеска имаме голем светски конфликт меѓу фундаментализмот и западниот либерализам. Кој е поимот на слободата, кога ние ги браниме нашите општества од религиозен фундаментализам? Што претставува, всушност, слободата што ја браниме?

Интервју на Славој Жижек за хрватски „Јутарњи лист“

Професоре, можете ли да препоставите како ќе изгледа светот за 100, за 1000 години? 

Јас се плашам. Сите модели на иднината кои би можеле да ги замислиме се премногу едноставни проекции на она што е денеска. Сепак, јас сум повеќе песимист отколку оптимист. Проблемот е во следното: сите ние сме вклучени во динамика на глобалниот капитализам која не се движи веќе кон сонот на Фукујама, либерално-демократскиот крај на историјата, туку се повеќе оди во некој авторитарен правец, каде има нови апартхејди… Дури и Холивуд, на одредено ниво, тоа го почувствува. Повеќето нови блокбастери: “The Hunger Games”, “Elysium” и слични, прикажуваат некое општество на блиската иднина во кое се случува радикална класна поделба. Едни се внатре, други се надвор од „куполата“. Големото прашање е како, без да паднеме во уште полошо ново тоталитарно општество, како да излеземе надвор, како да се спасиме? Walter Benjamin тоа прекрасно го кажа, насочено против онаа сталинистичка и социјалдемократска глупава метафора: „сите ние сме качени на возот на историјата кој тргнува кон иднината“. Тој рече: проблем е како да се запре тој воз? Уште сега имаме големи проблеми: еколошка закана, потоа кој ќе ја контролира генетиката? Тоа се ужасни перспективи на иднината на светот. Заедно со тоа, што се случува во дигиталниот свет, уште сега? Сите сме се повеќе контролирани од разузнавачките и безбедносните агенции…

Каде ја дочекавте Новата година? 

Тоа ми е речиси и срам да го кажам: со мојата сопруга во хотел.

Во вашиот Порторож? 

Да, ама пазете, тоа беше чист очај. Сега ќе ви кажам нешто, но немојте тоа да го сфатите како додворување кон Хрватска. Мојата жена е заљубена во Хвар. Секое лето сме на Хвар. А претходно, еднаш бевме во Будва. Не сум против Црна Гора. Будва ја споредувам со Котор. Котор е прекрасен град, мал Дубровник. Будва, пак, е чиста вулгарност. Ужас. Бевме во оној хотел „Сплендид“ во кој се случува оној филм „Casino Royale“. Иако хотелот сака да биде онака, малку „аристократски“, кога ќе се симнеш на брегот, таму е се вулгарно, сите тие евтини слаткарници. Е- ист таков е денеска и Порторож.

Интервју на Славој Жижек за хрватски „Јутарњи лист“ Како би требала денеска да изгледа една успешна држава? 

Би требала да биде комбинација на пазар и многу силна држава, извонредно активна држава. Како што е во Сингапур, Јужна Кореја, па и во Германија. Тоа се успешните економии денеска. Тоа веќе не е неолиберализам во стилот – само пазар. Тоа е либерален капитализам, но до многу активна и динамична држава. Државата мора да биде силна и да интервенира и во стопанството. Сега, повеќе од кога било порано, ни треба ефикасна држава. И на Хрватска и на Словенија.

Каква е иднината на големите религии? 

Нема да изчезнат. Приватно, јас сум атеист. Ме загрижува тоа што внатре во религиите сега повеќе владее некоја нарцисоидно-ориентална духовност. Знаете она: погледај длабоко во себе, најди ја вистината, живеј автентично… и така натаму. Мислам дека се губи она што е навистина се уште субверзивно во христијанското наследство – идејата на универзалноста на Светиот дух и егалитарната заедница. Ме загрижува таа нова духовност, псевдоориентална. И Хрватска и Словенија имаат прилично конзервативна Католичка црква, но долгорочно гледано, тие сами себеси си ја копаат јамата. Црквата радикално политички се определува, па резултатот на тоа е, црквата тоа го сфати пред десет години, дека ако таа некого премногу јавно го поддржи на изборите, тоа ќе му штети. Патем, вие деновиве имате избори. Кој ќе победи?

Сте биле ли спортист?

Никогаш, ни во сон. А најмногу мразам скијање. Каква глупава идеја, се качуваш на врвот на ридот, зошто? За да се спуштиш потоа долу, на почетната точка. Не е ли подобро да останеш долу и да прочиташ добра книга?