[Интервју] Изложба Sex Shop: Луѓето користат секс играчки, но се срамат да признаат

Изложбата Sex Shop, која ќе се одржи утре (12.11) во 20 ч. во Отвореното графичко студио на Музеј на Град Скопје, е обид да се дестигматизира користењето на секс играчки и тие да се претстават како предмети од нашето секојдневие. Уметницата Симона Манчева и Дарко Алексовски, соработник кој го подготвил текстуалниот дел од изложбата, со Радио МОФ зборуваат за овој необичен проект и причините кои ги натерале да го започнат.

„Проектот Sex Shop е обид да се реконтекстуализираат секс играчките како предмети од современото живеење, со тоа што ќе се изложат во уметничка институција, односно во една понеутрална средина во која луѓето полесно ќе се ослободат од срамот и неугодноста што се манифестираат при посета на секс шоп“, пишува во описот на вашата изложба. Имајќи ја предвид „срамежливоста“ на македонската публика кога се работи за оваа тематика, очекувате ли голема посетеност, или пак сметате дека да ве посетат ќе се осудат само „најхрабрите“?

Симона: Мислам и се надевам дека ќе има доста луѓе кои никогаш не биле во секс шоп, и запознав многу такви луѓе. Поради некои традиционални вредности и конзервативни предрасуди и стереотипи и начинот на кој сме воспитани, јас нудам можност публиката да види дека сите се заинтересирани и сите прашуваат за оваа табу тема. Откако се појави настанот на Facebook, добив доста пораки со прашања за изложбата. На луѓето не им беше јасно што ќе се изложува. Ми беше особено интересно што многумина ме прашаа дали реквизитите ќе може да се допираат. Не очекуваме преголема посетеност, но според досегашните реакции, мислам дека ќе има доста луѓе кои ќе бидат заинтригирани и ќе нé посетат.

Дарко: Ова не е класична изложба на слики и поентата на проектот е луѓето да се приближат до едно место, до една цела група на луѓе кои постојат во општеството, но се соочуваат со предрасуди. Секој ја носи во себе љубопитноста да влезе во секс шоп, но од друга страна се срами некој да не го види. Има луѓе кои користат вакви реквизити, но не кажуваат јавно, па дури и лажат поради срамот. Токму поради тоа општествено стигматизирање на сексуалноста, и верувањето дека сé што не е хетеронормативна сексуалност во нашето оптество е погрешно, сметаме дека оваа изложба е потребна.

Од каде се јави идејата за ваква изложба?

Симона: Мојот магистерски труд за сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје беше на тема спинтрии – монети кои се користеле во римскиот период во јавните куќи. Овие монети на едната страна имаат одредена поза на сексуален чин, а од другата страна имаат цена за таа услуга.

Магистерската работа ме натера да сфатам дека во сексуалната работа има се уште многу луѓе кои не се запознаени. Сметав дека на луѓето им е познато што е тоа сексуална работа, но очигледно сум погрешила. Таа работа е најстара на светот, а луѓето сé уште имаат одбивност од неа. Сексуалните работници сé уште се соочуваат со навреди и предрасуди. Така почнав да се интересирам за тие општествени проблеми и маргинализирани групи, за тоа кои се потребите на луѓето. Уметноста може да влијае на начинот на размислување, и јас сé уште верувам во тоа. Може да отвори прашање за тоа какви проблеми имаме и што ни се случува.

Додека ја работев магистерската, многу луѓе ме прашуваа за оваа тематика, и низ разговори дојдов до заклучок дека многу луѓе не влегле во секс шоп, или не влегле во Македонија, но не им било проблем да посетат во странство. Идејата за таа изложба се јави токму од таму, од таа потреба на луѓето да се запознаат со тие реквизити на неутрален терен и да се ослободат од предрасудите.

Од што се состои изложбата? Преку кој уметнички израз ќе бидат претставени секс играчките: инсталација, слики, фотографии?

Симона: Има фотографии и предмети, односно реквизити и кукли, кои ќе бидат пропратени со кратки текстови во кои е опишана историјата и примената на тие реквизити. Објаснето е како тие настанале и која е потребата од нив, но пред сé целта е да се укаже на тоа дека за сите реквизити првата употреба била медицинска. Сакам да ѝ дадам на публиката до знаење дека сите кои ги купуваат ваквите реквизити, имаат вистинска потреба од тоа.

Скопје е град во кој живеат многу (различни) луѓе, во кој егзистираат и маргинализирани групи и во кој современите трендови кои порано биле табу теми се релативно помалку осудувани. Би се рекло, во Скопје има публика за сé. Но, мислите ли дека би имале добар одѕив на ваква изложба во помалите места, каде може да се каже дека сé уште повеќе важат традиционалните вредности?

Дарко: Јас генерално мислам дека размерот и пропорцијата на публиката во Скопје е значително поголема со останатата публика во Македонија. За каков проект и да се работи, интересот во Скопје е поголем. Но, кога оваа изложба би била поставена во некоја помала средина, не верувам дека би имало интерес, најмногу поради тоа што луѓето не сакаат да бидат видени на таков настан и осудувани. Темата е подготвена за да се претстави во Скопје, но за помалите места сé уште не е време.

Како се случи соработката со Музејот на град Скопје и дали наидовте на отворени врати во културните институции кога ја образложивте својата идеја?

Дарко: До соработка дојде многу спонтано. Се пријавивме на годишниот конкурс на Отвореното графичко студио во Музеј на Град Скопје. Симона беше пред сé заинтересирана за тој простор, бидејќи најмногу одговара за таква изложба. Соработката беше многу непосредна и немаше никакви пречки. Тоа беше првото место кое го сакавме со Симона, и не правевме никаков компромис. Го добивме тоа што го замислувавме за изложбата. Отворено графичко студио е едно од ретките официјални институционални места во Скопје, чии врати се секогаш отворени за млади уметници, и е отскочна даска за многу наши колеги, кои првите чекори ги направиле токму таму.

Дали младите генерации се ослободуваат полека од табуата на сексуалноста, за разлика од своите родители?

Симона: Според тоа што доста се дружам со повозрасни луѓе, сметам дека и постарите не биле „стегнати“ по ова прашање, но сето тоа се крие и за него не се разговара. Од друга страна, младите имаат потреба од отвореност. Мислам дека токму постарите доста често користат секакви реквизити во сексуалниот живот, но само не разговараат за тоа, за разлика од младите, кои сакаат да бидат поослободени. Тоа е сепак индивидуално, зависи и од карактерот и од тоа колку сексуални партнери си имал во животот. Баш затоа сметам дека секс играчките се добра работа, и им помагаат на луѓето да ја зачуваат страста и браковите во современиот живот да опстанат.

Дарко: Интересот кај младите е природно поголем кога станува збор за сексуалните играчки, а мислам дека тоа најмногу се должи на информираноста. Сега живееме во време и место во кои овие нешта се пласирани насекаде, па нормално е тоа да придонесе луѓето да посакаат да ги пробат.

Имате ли претходно работено на ваков невообичаен проект?

Симона: Последната моја изложба беше за загадувањето на воздухот во Кавадарци, пред околу еден месец. Беа изложени фотографии од специфичната боја на небото на Кавадарци, придружени со специјални ефекти, како чад и звуци, а ја нареков „Црвено небо“. Претходно, заедно со друга колешка, имам работено на друга изложба во која освен ликовните прикази вметнавме и звук, часовници и инсталации. Сé уште сликам и цртам, но во последно време повеќе се занимавам со вакви изложби.

Има ли во Македонија публика за современа и неконвенционална уметност?

Дарко: Мислам дека има публика, но мислам дека вистинското прашање е колку во Македонија постои квалитетна современа уметност. Публиката не е таа што треба да диктира каква уметност ќе се продуцира, туку уметниците треба да создаваат поинаква уметност и да ја едуцираат публиката за новите правци, да направат публиката да види нешто поинакво и после некое време истото да го прифати.

Стефанија Тенекеџиева