[Интервју] Ирина Михајлова: Како уметник ми треба слобода, а Скопје ми ја пие енергијата

Ирина Михајлова е млада уметница од Скопје, која има работено на проекти за А1 телевизија, Life магазин и Аларм фестивал. Вечерва (четврток, 22 октомври)  во 20:00 часот во Радио Бар се отвора нејзината изложба на цртежи со инспирација во храната, насловена „Je Suis“. Во интервју за Радио МОФ Михајлова зборува за нејзиниот неконвенционален пристап кон уметноста, за изложбата и за идните планови.

Од каде идејата да создаваш уметност од потрошни материјали? Зошто токму со храна?

Потрошните материјали кои ги употребувам покажуваат дека во реалноста ништо не е за една употреба и дека сé може се употреби по втор, трет и стоти пат. Тоа сега е светски тренд – ништо да не се фрла и сé да се искористи. Точно е – храната живот значи. Настрана од тоа, сакам да повторам дека навистина сум голем гурман и покрај вкусна, сакам и естетски добро „спакувана“ храна. Од таму доаѓа и моето мото: „Don’t play with your food. Just doodle with it!“.

 

Твоите цртежи пленат со спонтаност и хумор, но даваат и критички осврт на секојдневното опкружување во кое се наоѓаат младите луѓе. Преку симпатичен и релаксиран хумор и сатира, критикуваш секојдневни теми. За кои теми најчесто станува збор?

Секоја илустрација има посебна, „рандом“ приказна . Од секојдневни „чаршиски“ муабети со пријателите доаѓам до идеја да создадам нешто ново. Некогаш може да излезе приказна за нешто што презирам, а понекогаш сосема спротивно. Почетоците ми се претежно модните илустрации, па дури и првите цртежи врз кои беше имплементирана храна имаа допирна точка со модата, односно со модната силуета. Чудно е до кој степен може да те доведе имагинацијата.

Има ли простор на македонската сцена за ваков неконвенционален тип на уметност?

На македонската сцена има простор за секаков вид на уметност, сé додека се работи со некаква цел. Има доста талентирани и креативни млади, кои за жал не можат да дојдат до израз поради протежирање и промовирање на медиокритети кои немаат ништо заедничко со уметноста. Поради реалната состојба сме светлосни години назад од останатиот дел од Европа и светот, пред сé во однос на условите во кои живееме и кои се наше секојдневие.

Иако немаш формално ликовно образование, твојата уметност се чини дека ја импресионира публиката поради невообичаениот пристап. Колку би ти помогнале класичните студии за твојата уметност? Сметаш ли дека креативноста и трудот се доволни за еден уметник да се изрази себеси преку делата, или пак можеби образованието е потребно?

Ќе бидам кратка и јасна: образованието е потребно, но идејата е нешто сосема друго. Образованието е само основа. Има голем број на самоуки дизајнери кои се доста успешни, а се обучувале самите преку онлајн туторијали и солидно го совладале техничкиот дел.

Имаш студирано дизајн и мултимедијални уметности. Настрана од изложбата, со што се бавиш во моментов?

Работам токму на овој проект како самостоен уметник и барам спонзори. Добивам доста позитивен фидбек од публиката, и да бидам искрена , многу ми е драго, бидејќи позитивните луѓе секогаш ме мотивирале.

Изложбата се отвора вечерва. Што понатаму?

Работам на случајот и сум во потрага по грантови. Сакам веднаш после Нова година да заминам од земјава. Како што наведов и погоре, немам широк спектар на можности во родниот град, и тоа многу ме прави тажна. Како уметник имам потреба од слобода, а градот ми ја пие енергијата. Токму и затоа изложбата носи име Je Suis.

Стефанија Тенекеџиева