[Интервју] Горјан Јовановски: Не очекував дека „Мој Воздух“ ќе направи толкав бум

Иако е во последната година од неговите студии, Горјан Јовановски зад него себе има повеќе од 7 години професионално искуство со веб и мобилен развој. Како креатор на апликацијата која го следи загадувањето на воздухот „Мој Воздух“, а на тема „Отворени Податоци – Што? Каде? Како?“тој беше еден од говорниците на четврто издание на конференцијата „Engage 2015“. Во интервју за Радио МОФ тој раскажува за идејата за креирање на апликацијата  „Мој Воздух“ , за потребата од чист воздух, но и важноста на отворените податоци.

Зошто ја направивте апликацијата „Мој Воздух“?

Апликацијата прво почна како мој личен проект. Податоците за загаденоста на воздухот беа достапни уште од 2011 година, имаше еден период каде што се крена фама околу тоа, имаше и неколку протести, но остана на тоа и ништо не се направи. Загаденоста на воздухот зимата беше многу голема во повеќе градови во Македонија, особено во Тетово. Идејата ми беше доколку тие информации веќе се достапни, тогаш (можат) да бидат на еден поелегантен и јасен начин достапни до луѓето, за да може подоцна да се преземе нешто во врска со тоа.

Очекувавте дека ќе има толкав импакт во јавноста?

Дефинитивно не, како што реков апликацијата почна како личен мој проект кој го споделив само со неколку другари, но откако излезе на социјалните мрежи направи голем бум, нешто што воопшто не го очекував. Сепак, мило ми е што успеа да допре до луѓето и се надевам дека имаше импакт врз нив и нивните секојдневни навики.

Дали сметате дека ја подигнавте свеста кај луѓето со вашата апликација?

Искрено, се надевам, затоа што немам некој начин да измерам колку апликацијата реално има направено импакт врз луѓето, но како што можев да видам, освен протестите кои што беа организирани во тој период кога апликацијата беше доста атрактивна, имаше луѓе кои на социјалните мрежи на својата профилна слика го ставаа црвеното кругче од самата апликација кое покажуваше дека воздухот е загаден 20 пати повеќе од дозволеното во Тетово. Се надевам дека ова ги натера луѓето да размислат за нивниот секојдневен транспорт и навики и за тоа дали можат со нешто да помогнат во намалување на загаденоста.

Сите знаеме дека воздухот во Скопје и генерално во Македонија е многу загаден, што може да направиме во врска со тоа?

Според мене, главните три причини за загаденоста на воздухот се автомобилите, фабриките и неправилното согорување на дрвјата во домаќинствата. Ние како граѓани, ние можеме барем на две, ако не и на три, да влијаеме. Да го користиме повеќе јавниот превоз, да го користиме велосипедот како наше главно превозно средство може да се намалат емисиите од автомобилите, доколку правилно ги сочувуваме дрвјата што ги согоруваме во домиќинството, а на сајтот на министерството за екологија има упатство како правилно да се направи тоа може да се намалат емисиите при согорување на дрвата. А за фабриките, за жал не знам како може како луѓе да влијаеме бидејќи имало голем број протести, но само неколку од нив имаат завршено успешно. Не знам колку ги тангираат фабриките и властите, зашто имам чуено дека казната за немањето филтри е далеку поевтина од самото нивно вградување.

Дали институциите прават доволно за да се реши овој проблем и колку сте задоволни од нивниот однос кон овој проблем?

Искрено, не верувам во тоа. Бидејќи ако се случуваше нешто ќе се ставаше голем акцент на овие информации за загаденоста на воздухот. Но, тоа не се случуваше. Беа објавени овие информации на една трошна веб страна која што е на многу застарен систем и не се даваше никакво значење на тоа. Верувам дека сега со групи како „НаТочак“, коишто го промовираат велосипедскиот транспорт во градовите, може да се промени нешто. Но, сепак сметам дека институциите треба да се заангажираат и да соработуваат со граѓанските групи на тема прочистување на воздухот.

Дали сте задоволни од односот на институциите кон овој проблем?

Не би рекол дека сум задоволен, бидејќи досега освен поддршка од Министерството за информатика, кога почнав да ја работам апликацијата, од другите немам воопшто чуено нешто. Посебно не од Министерството за животна средина кое треба најмногу да го засега и мислам дека тие се оние кои треба да се грижат за овој проблем. Единствениот нивен коментар беше дека не им се допаѓаат боите на апликацијата.

За време на твојата презентација, често пати го спомнуваше терминот отворени податоци. Колку беа важни овие отворени податоци при правењето на „Мој Воздух“?

Важната разлика меѓу отворените податоци и податоците од јавен карактер е тоа што, отворените податоци се наменети да бидат компјутерски и машински обработливи. Тие имаа голема важност во Мој Воздух бидејќи беа отворени и достапни за користење без никаква лиценца така што не требаше да се плати за да се плати за тие податоци и беа достапни во некаков полу-читлив машински формат кој можеше понатаму да се користи во мојата апликација. Така што, сметам дека тие се од голема важност и верувам дека ако понатаму и другите институции ги отворат овие податоци можат да се развијат некои многу подобри и поинтересни апликации на различни теми.

Како интернет активизмот може да помогне при подигање на свеста и решавање на проблемот со загаденоста на воздухот?

Верувам дека е-активизмот може многу голем импакт на темата, зошто најголемиот број на корисници на интернетот сме сепак ние младите. А ние младите сме иднината, така што ако ние се стекнеме со овие навики за почиста и поздрава средина, можеме да ги пренесеме не само на идните генерации кои доаѓаат после нас, туку и на постарите генерации – и доколку на нив успееме да им ги пренесеме овие навики кои се шират преку интернетот, се надевам дека може да се направи некоја промена во тоа како луѓето размислуваат. Голем удел тука имаа и социјалните мрежи, без кои „Мој Воздух“ немаше да стане толку позната апликација. Најважен од се е тој кажан збор меѓу луѓето, кој многу помогна апликацијата да се рашири.

Дали имате планови за некоја нова апликација?

Сега за сега немам, се фокусирам на тоа како може да се подобри „Мој Воздух“ и како може поинформативно да се достават информациите во апликацијата. Информациите ние ги складираме на друго место каде што подоцно може да се анализираат и да се прават графици за како се движело загадувањето во тек на одреден месец или одредена година. Со помош на овие анализи може да се донесат заклучоци што најмногу придонесува за тоа загадување. Идејата сега за сега е да се прават анализи на овие податоци и понатаму на најразлични начини да се дејствува за менување на навиките на луѓето.

Дамјан Коложег