[Интервју] Дубиоза Колектив: Протестите не се ваши и наши, сите се бориме за иста кауза

Својата музика ја опишуваат како „политички некоректна“, а познати се како најголеми критичари на политичката и економска состојба во Босна и Херцеговина, но и регионот. Неодамна беа актуелни со спотот   Free.mp3, со кој ја подржаа слободната и бесплатна уметност. Нивните албуми се состојат од политички инспирирани и социјално ангажирани текстови. Во разговор со Радио МОФ, членовите на бендот Дубиоза Колектив, кои вечерва настапуваат на Д Фестивал, зборуваа за инспирацијата зад нивната музика, активизмот и пораките кои ги шират, но и за идните планови.

Речиси секоја ваша песна разработува политичко-општествена тема која ги засега младите во Босна и Херцеговина, но и регионот. Кој е мотивот зад ваквиот ангажиран уметнички израз?

Откога почнавме со бендот, некако ни беше поинтересно и чувствувавме потреба да зборуваме за нештата кои се случуваат околу нас и кои не „жуљаат“. Не сме баш талентирани за да пишуваме песни за љубов и цвеќе. Тоа е сплет на околности и на свесни одлуки.

Со песната Free.mp3 ја критикувате комерцијализацијата и монополизацијата на музиката, велејќи дека уметноста треба да биде бесплатна и достапна за сите. Зошто?

Не е дека ние критикуваме, туку само поставуваме прашања кои многу музичари ги поставуваат во моментов, а тоа е дали овој стар систем на кој функционира музичкиот систем се уште е релевантен во 21-ви век и дали е одржливо така да функционира. Поентата на целата приказна која ја започнуваме со песната е да поттикнеме некој дијалог и дискусија меѓу луѓето, да ги испровоцираме да размислуваат на таа тема и да се обидеме да дојдеме до некој одговор. И ние самите не сме сигурни како треба да функционира музичката индустрија за десет години, но се надеваме дека ова е еден начин да дознаеме.

Колку за вашиот успех и популарност придонесе фактот што вашите албуми се бесплатни за преземање?

Ако песната чини, луѓето ќе најдат начин да ја „спуштат“, без разлика дали е тоа бесплатно или се плаќа. На нас ни е ќеф тоа да е бесплатно, бидејќи тоа отвора друг вид на комуникација меѓу луѓето и меѓу публиката и нас. Не е поентата дали е нешто бесплатно или не, поентата е дали нешто чини или не. Не мислиме дека тоа што неколку албуми сме ги прикачиле за бесплатен „download“ е пресудно за нашиот успех. Мислам дека секогаш прашањето е што ти си поставил за преземање, што продаваш и колку луѓето тоа ги интересира. Тоа не е тригер за популарност.

Во самиот спот за Free.mp3 користите кадри и музика од спотови на други музичари. Иронично е, но дали тоа ви донесе проблеми поради авторски права?

Тоа и беше идејата зад тој спот, да се игра на самата граница на дозволеното и недозволеното. Самиот спот прашува што е всушност фер, а што нарушува нечии авторски права. Тоа беше многу интересно и за нас, не знаевме како работите ќе функционираат со тој спот, дали Јутјуб ќе го укине поради жалби после три дена, или не. На крај се испостави дека сметаат дека се работи за пародија и дека е фер, па никој не го тргна од веб страницата.

Колку пати досега се бесплатно преземени вашите албуми?

Последниот, повеќе од 300000 пати. „Апсурдистан“ исто така. Кога ќе размислиш колку време би требало за да дистрибуираш 300000 физички копии од дисковите и колку непотребна пластика има во тоа, се исплати. Сега имаме „стабилно избирачко download тело“.

Во Македонија владее период на тивки уметници, цензура и ограничување во уметноста. Не знам каква е ситуацијата во БиХ, но дали вие имате проблеми поради политичката некоректност во вашите песни?

Забележавме дека она што е многу полошо од цензурата, во речиси сите земји во поранешна Југославија, е автоцензурата. Луѓето не се осудуваат да кажат нешто и тоа е многу поголем проблем од потенцијалната опасност дека некој тоа ќе го цензурира. Не се сеќаваме некој некогаш за песна или текст да не цензурира. Ние би сакале да постои и тоа, да наидеме на реакција, но мислам дека политичките партии сега се многу попаметни од тоа да цензурираат бендови. Сфатија дека тоа им носи повеќе проблеми отколку добивка. Последен пат ни се случи да не цензурираат на Радио Телевизија Србија, снимавме некој краток настап и интервју. Се пошегувавме за премиерот Александар Вучиќ, ништо спектакуларно, но цел тој дел од интервјуто го исекоа и никогаш не беше пуштен во етер.

Во Македонија, според нас, проблемот е во тоа што медиумите се под контрола на владејачката партија. Тие ја одбираат содржината. Можете тоа да го наречете цензура или контрола на медиумскиот простор, замолчување на луѓето кои имаат поразлично мислење – од политичари до музичари. Едноставно, нивниот глас во етерот го нема. Тоа е еден начин на филтрирање. Ние никогаш и не сме се надевале на многу поддршка од медиумите, но секогаш бараме алтернативен канал. Македонија е во чудна политичка состојба па сето тоа е многу покомплицирано. Имате сосема нов сет проблеми.

Одрживте настап за време на студентската окупација на УКИМ. Зошто одлучивте да го поддржите Студентскиот пленум?

Ние се трудиме било каде каде препознаваме дека луѓето пружиле отпор од вистинските причини, да им помогнеме и да ги поддржиме како можеме. Тоа е можеби она што најдобро го знаеме и можеме во таква ситуација. Не препознаваме никакви протести како „нивни“ и „наши“. Студентските протести се студентски, работничките работнички, не е важно дали се во Босна, Македонија или Словенија. Се додека луѓето ги карактеризираат протестите како македонски или босански, тоа не се протести. Доколку се за некоја кауза, тогаш имаат смисол. За нас е сеедно дали студентски протест се одржал во Скопје или Сараево, ние ги препознаваме како исти и се трудиме да ги поддржиме.

Подготвувате ли нов материјал? Што понатаму?

Ние секогаш работиме на нови песни, колку што имаме време. Самовработени сме, нормално е дека ако не свириме на концерти и не бележиме нови идеи, нема што да правиме. Немаме концепт за тоа каков албум ќе снимаме, туку едноставно се препуштаме и оставаме идеите да излезат, па само од себе тоа не носи додека не смислиме концепт кој ќе го заокружиме во албум.

Стефанија Тенекеџиева