[Интервју] Да Џака Накот: Немам иднина во држава која ја глорифицира глупавоста и монополизира уметноста

Владимир Џокиќ, попознат како Да Џака Накот, во ноември минатата година на својот Фејсбук профил објави дека се отселува од Македонија, и дека среќата ќе ја бара во Германија. Во разговор со Радио МОФ, Џака открива како живее таму, што работи и кои беа причините кои го натераа да си замине одовде.

Во ноември, „одбивајќи да бидете дел од колективната несвест која завладеа овде во изминативе години“, решивте да се отселите од Македонија. Вашето смело образложение зошто се решивте на тој чекор, за кратко време се прошири низ земјата. Но, никој не знае што сега се случува со вашиот живот. Како живеете во Германија, што работите?

Тие што ме знаат, знаат дека сум Полјак по потекло, и патувањето – живеењето во ЕУ не ми е прво, ниту последно. Мајка ми живее и работи во Германија веќе долги години и ме наговараше да дојдам. Живеам во Хепенхајм, едно мало, мирно место – на 40 минути возење од Франкфурт на Мајна. Овде работам како готвач (готвењето е моја голема пасија) во еден хотел, а во слободното време правам музика.

Преку вашата музика низ годините неретко ја критикувавте политичката состојба во Македонија, посочувајќи на многу проблеми со кои се соочува нашето општество. Што ве поттикнуваше на таа критика?

Токму поради моите политички, а сепак граѓански ангажмани (член сум само на Легијата) и ми се случија низа непријатности во кариерата. Како прво – забрана за јавни настапи на било кој музички фестивал што е под патронат на државата, а 97 посто се такви. Второ, пасивизацијата на граѓанскиот отпор и агонијата која трае со години.

По природа сум голем емпат, и цело мое опкружување (целиот град Скопје) бучеше со фонија и „брум“ – негативноста нè проголта како катранова дупка.

Бев на сите поголеми протести – од 97-ма па досега, особено активно во последниве пет-шест години, и пак не се промени ништо. Особено ми пречи фактот што „елитата“ убива велосипедисти, пешаци, деца, старци, неродени деца, мајки, и никој не одговара за тоа! Тамара умре поради директна забрана од Фондот. Силвана ги троши тие пари за превоз, а чинеа еден живот, и ред други работи околу социјалната неправда.

Што беше пресудно да се иселите одовде?

Која иднина ја имам јас како уметник во држава која ја глорифицира глупавоста и монополизира уметноста? Преживував во Македонија, и веќе ми беше доста.

Штом Македонците немаат доволно емпатија да ја воочат неправдината и да си ја земат слободата, кој сум јас да им кажувам спротивно? Еден паметен во дискусија со 100 лудаци не докажува поента. А, мојата музика е рефлексија на мојот живот, не можам да лажам преку музика, да се правам дека сé e ОК и да земам субвенција за песна од државата. Кога луѓе кои ги познавам се одрекоа од своите македонски корења до трето колено за да земат бугарски пасош само за да избегаат од државава, a луѓе умираат и се криумчарат само да дојдат до Европа, тогаш сериозно се замислив околу мојата поента на моето живење и творење во Македонија.

Беше ли тешко да го започнете својот живот одново? Ви недостига ли родниот град?

Искрено, освен блиските во Скопје, ништо друго не ми фали од тој град. Тој град не е моето Скопје повеќе, и додека е таков, јас нема да живеам во него.

Сé додека не завладее правото во таа држава и сите бидат еднакви пред законот, јас таму нема зошто да живеам.

Зошто Германија? Во што е различен животот таму од оној кој го имавте во Скопје?

Сакав да живеам во нормална држава, каде функционира правото, каде граѓанинот е прв, каде полицијата практично и не ја гледаш, каде не мора да си „нечиј“ или со книшка од партија за да се вработиш. Испратив неколку CV-ја и на второто интервју веќе добив договор за работа.

Иако сум овде, Фејсбук ме брифира секојдневно што се случува во Македонија.

Создавате ли музика и понатаму? Имате ли повеќе креативна слобода сега, подалеку од цензурата и контролата?

Како што веќе споменав, сé уште создавам музика. Воедно и работам на мојот одамна најавуван проект, насловен „Од А до Џ“. Се работи за книга чиј скелет го имам напишано уште пред три-четири години, а сега имам време да ја довршам. Тоа е еден вид на автобиографија и моето доживување на Скопје и македонскиот рап – во чии темели имам голема улога одиграно, оскаровска.

Иселувањето од ден на ден е сè поголем проблем за Македонија, а млади има сè помалку. Често слушаме мислења дека се претвораме во земја на пензионери и оти нема кој да остане и да ја подобри државата. Кое е вашето мислење за тоа?

Младите во Македонија се заложници на Стокхолмскиот синдром кој колективно ја проголта земјата. Единствено самите можат да си помогнат. Да парафразирам: треба да се откорнат сите малигни партиски елементи кои својот канцер го пуштиле во душата на Македонија, да се овозможи индивидуата да биде вреднувана според своите квалитети и достигнувања – наместо партиска припадност и „нечиедетеизам“. Се сменија генерации од 91-ва, време е за промена на стариот начин – стравот и заплашувањето дека ќе останеш без работа, а земаш смешни 200 евра, не се начин кон прогресот.

Колку младите во Македонија според вас имаат можности за вработување и личен напредок? Што треба да се смени во земјава за одливот на млади да престане?

Има решение за Македонија и има иднина, само доколку гасеницата стане пеперутка, а не молец. Време е демократијата да излезе од кожурецот на тиранијата.

Би се вратиле ли некогаш?

Секако дека ќе се вратам во Македонија.

Стефанија Тенекеџиева