[Интервју] Cutting Edge: Со иновативност и електронски ефекти држиме чекор со современата музика

Освежувањето на македонската алтернативна сцена, Cutting Edge, е електронски синт поп/инди рок бенд од Тетово. Постојат од 2014, а вчера (20.09) го објавија и својот прв видео запис. Во интервју за РадиоМОФ, фронтменот Мики Бошкоски зборува за очекувањата, уникатниот стил на музиката и плановите за во иднина.

Cutting Edge е релативно нов и непознат бенд за македонската публика. Kој е мотивот зад неговото формирање и чија беше иницијативата?

Cutting Edge постои од ноември 2014. Мотивот беше да се состави бенд кој би компонирал модерна и уникатна музика, а воедно ќе претставува и освежување на македонската сцена.

Иницијативата беше моја. Во тој период имав веќе почнато со пишување на некои од песните кои ќе се наоѓаат на нашиот прв албум. Со Зоран се консултирав за тоа во кој правец да оди звукот, и заедно го правевме концептот кој понатаму го разработивме со Гоце Симоноски, со кого и го снимаме албумот во неговото студио Супернова.

Членови на бендот сме јас – вокал, текстописец и композитор, Зоран Мисајловски – бас гитара, Новица Коцески – тапани, Исмаил Камбери – гитара и Драгољуб Митрушевски – електронски ефекти.

Што означува името Cutting Edge?

Името го означува концептот на бендот, а тоа е иновативност и држење чекор со современата музика.

Каде црпите мотивација и идеи? За каква музика станува збор и што преку неа им кажувате на слушателите?

Зад секоја песна постои различна мотивација и различна приказна. Мотивација црпиме од посебни моменти кои вредат да се претвораат во музика.

Во нашата музика користиме различни правци и секоја песна е поинаква, но кога би ги одбрал главните би рекол дека ние сме електронски синт поп/инди рок бенд. Преку нашата музика ја изразуваме нашата болка, нашите страдања и страст.

Штотуку го промовиравте спотот за синглот Fade Away. Кој го изработи? Која е приказната раскажана во него?

Спотот беше изработен од страна на бендот и Небојша Стојаноски – Мајор, кој го режираше спотот и беше задолжен за постпродукција на истиот, а за камерата и снимањето беа задолжени Глигор Кондовски и Перо Сарџоски.

Приказната зад песната е времето што нé одминува без никакво објаснување, но сепак сé уште е присутно преку спомени. Истото пробавме на некој начин да го дофатиме и со спотот.

Велат дека денес „стоиме на рамената на џинови“, и сé што твориме е предизвикано и инспирирано од оние на кои им се воодушевуваме. Кои музичари се вашите „џинови“, кој е задолжен за вашиот креативен дух и музичкиот правец?

Cutting Edge е бенд чија музика може да припаѓа на повеќе правци и да заликува на музиката на најразлични артисти. Кога би требале да одвоиме кои се „виновници“ за правецот на музиката која ја свириме, тогаш тоа би биле Depeche Mode и Radiohead, иако тоа не значи дека немаме примеси од други автори, и се разбира, наши сопствени сфаќања за музиката.

Каква е според вас состојбата на алтернативната сцена во земјава во моментот? Тешко ли е за еден нов, алтернативен бенд составен од млади музичари да се пробие?

Не би рекол дека состојбата е сјајна, но секако има надеж. Има доста млади луѓе, кои и покрај сет шунд кој им се сервира секојдневно, знаат да препознаат квалитетна музика и тоа ме прави оптимист.

За жал тешко е да се пробиеш, бидејќи постојат некои фактори што не дозволуваат квалитетната музика да ја добие заслужената светлина.

Што го разликува Cutting Edge од останатите бендови на нашата сцена?

Мислам дека секој бенд е уникатен сам по себе. Бидејќи првобитната идеја на бендот беше да звучиме поуникатно од останатите, односно да понудиме нешто ново на публиката и мислам дека успеавме во нашата намера. Така, во нашата музика преовладуваат електронски ефекти кои во голема мера се содржани во сите секции на секоја песна. Во однос на гитарските делови, се стремиме гитарата да биде поминималистичка, а сепак да звучи моќно кога тоа го бара песната. Бас секцијата, пак, има фрази кои лесно знаат да „влезат под кожа“ а со тоа да дадат и интересен шмек на нашата музика.

Подготвувате ли албум? Што понатаму?

Да, албумот е речиси подготвен. Се надеваме дека наскоро ќе има промоција и за него. Ќе биде насловен Connected, а ќе содржи 9 песни.

По издавањето на албумот би сакале да го промовираме со настапи во живо во Македонија и надвор, а можно е и наскоро да снимиме уште еден спот.

Стефанија Тенекеџиева