[Интервју] Black and Vice Social Club: Музиката „нѐ свири“ нас

The Black and Vice Social Club – фузија на звуци, стилови и петмина искусни музичари, „спакувани“ во една совршена хармонија. Пред нивниот вечерашен настап на „Земјотрес“, за Радио МОФ зборуваат за она што ги инспирира, музиката која ја создаваат, но и потенцијален нов албум.

Пред неколку дена беше објавена „Црна црква“, вашата прва песна на македонски, а воедно и прв видео спот. Зошто одлучивте новиот сингл да биде на македонски? Зошто, пак, досегашните песни беа на англиски?

Песните си кажуваат сами на кој јазик треба да бидат испеани – комплетно интуитивен процес кој нѐ „свири“ нас.

Вашата музика е впечатлива фузија на алт-рок, хард рок, блуз, а низ некои нумери се забележуваат и невообичаени инструменти, како органа. Како сиве овие жанрови „ги спакувавте“ во албум кој делува како една целина?

Музиката ја правиме сите заедно на проба и е резултат на сите наши искуства, стилови на свирење и влијанија што ги имаме. Секој од нас има свој стил на свирење, некој има повеќе хардкор и метал влијанија, некој повеќе рок и фанк. Кога некој ќе донесе некој „риф” или дел од нова песна на проба, сите заедно работиме на песната и звучи така како што звучи.

Кои музичари најмногу ви влијаеле при вашето градење како музичари, но и при процесот на создавање на „Until the Road is a Dead End“?

Најголемо влијание при правењето на албумот е влијанието на нас самите, едни на други. Сите сме музичари преку 10 години, а тоа значи проаѓање низ многу фази во слушањето музика и развојот како музичари и слушање многу различни артисти. Во даден момент може да сме инспирирани од некоја класична музика, или џез артист, може да биде песна од метал бенд, или некоја рок класика од 90-тите години.

bavcs2

Од објавувањето на вашиот деби албум помина повеќе од една година. Сега кога објавивте нов сингл, може ли да очекуваме нов материјал?

Да, нов материјал имаме, околу 4-5 песни на кои што уште работиме и сѐ уште се мислиме како да ги презентираме. Ни одзема време снимањето и продукцијата на новиот сингл, како и снимањето на спотот. Новите песни веќе ги свириме на концерти, но не се снимени сѐ уште. Секако планираме во блиска иднина да има нов материјал од The Black and Vice Social Club.

Во сабота настапувате на „Земјотрес“. Што може публиката да очекува?

Тоа што го гледаат и на секој наш претходен концерт: експлозија од енергија, добра журка и зуење во ушите до доцна попладне следниот ден.

Како би го опишале она што го создавате со неколку зборови? Што е вашата музика за вас?

Нашата музика за нас е шанса, некој вид на канал преку кој можеме најслободно да се изразиме, да бидеме тие што навистина сме. Сите правиме нешто друго во денот, свириме и во „кавер“ бендови, а The Black and Vice Social Club е нашето место каде што ја правиме и свириме музиката што највеќе не исполнува.

Black and Vice Social Club е релативно нов бенд, но составен од искусни музичари со големо искуство. Како македонската алтернативна сцена реагираше на вас досега? Лесно ли беше да се заземе место „под рефлекторот“, со ново име и во нов состав?

Не сме оптоварени со такви мисли и идеи – модусот е “будење, дробење безмилосно, и да видиме каде паѓаат картите секојдневно”.

Стефанија Тенекеџиева