[Интервју] 15-годишниот Даријан Шекеров освојува награди за својата апликација што им помага на аутистични деца

Сликозбор“ е македонска апликација чија цел е да им помогне на децата со аутизам и нивните семејства при секојдневната комуникација. Таа беше признаена и од самото Министерство за образование и наука, а позитивни критики доби и од повеќе логопеди, наставници и родители. „Сликозбор“ за една година ја презеле над 10 000 корисници.

„Ќе биде од голема помош, благодариме“, вели еден од коментарите за апликацијата.

„Апликацијата е супер. Имам братче којшто има проблем со говорот и аутизам и би ве замолила за побрзо усовршување на апликацијата, бидејќи еве веќе два дена ја користи и е многу радосен затоа што може да се искаже за некои потреби“, стои во друг коментар.

Автор на апликацијата е 15-годишниот Даријан Шекеров од Скопје. За него овие коментари и признанијата кои започна да ги реди се вистинската награда за вложениот труд, но и голема афирмација за него во информатичкиот свет. Тој неодамна ја освои наградата на Светскиот младински натпревар за иновативни решенија 2016 (World Summit Youth Award 2016), а добитник е и на бронзени медали од МГ Купот во Белград, Европската Јуниорска Олимпијада по Информатика и на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика во Софија, заедно со неколку први места на регионалните и државните натпревари по информатика.

Тој за Радио МОФ вели дека не очекувал толкав успех, со оглед на тоа дека апликацијата ја направил сосема спонтано, кога колега на неговиот татко, чие дете боледува од аутистичен спектар, му се обратил за помош.

„ Тој го прашал татко ми дали можам да изработам македонска апликација бидејќи таква нема, за да можат децата со такво и слично заболување да ја користат во комуникацијата со луѓето околу нив. Идејата ми се допадна и ја изработив во текот на училишниот распуст кој ми помина работно, но не жалам за тоа, бидејќи трудот се исплатеше, а тоа се виде од реакцијата на родителите и децата и бројот на симнување на апликацијата „Сликозбор“, вели Шекеров.

Апликацијата треба да им помогне на децата со пречки во говорот во домот со најблиските и надвор во секојдневната комуникација со останатите.

„Бидејќи не можат лесно да се изразат преку зборувањето, апликацијата помага на тој начин што се дадени многу слики со секојдневни изрази и потреби. На тој начин детето со притискање на одредена слика (на пример „Сакам да јадам“), сликата произведува звук со дејството кое го бара детето (значи родителот слуша дека детето бара да јаде). На тој начин се и другите барања и потреби на детето дадени во апликацијата“, објасни Шекеров.

Изработката на апликацијата всушност му помогнала да сфати што значи атузмот и со какви реални проблеми се соочуваат овие деца и нивните родители.

„Апликацијата ја изработив самостојно, без никаква помош во текот на училишниот распуст кој ми помина работно, но не жалам за тоа бидејќи трудот се исплатеше“, истакна тој, додавајќи дека најважно му било таа да е едноставна за користење.

Засега останува можноста оваа апликација да биде преведена и на друг јазик, бидејќи од првичен интерес му било да им помогне на децата во Македонија.

„Овие алатки се важни затоа што овозможуваат полесна комуникација на децата со попреченост, со родителите и другите од семејството, а исто така и во комуникацијата со надворешната околина. Овие деца, бидејќи често немаат моќ на говор,  многу им е тешко да комуницираат со другите, а истото се однесува и обратно. Со оваа алатка тоа е овозможено на едноставен начин да ги искажат своите потреби, желби, намери и чувства и да бидат разбрани од околината“, вели Шекеров.

Според него, голема пречка е тоа што достапните апликации се или на странски јазик, или не се бесплатни.

„За разлика од тие апликации, јас ја направив апликацијата бесплатно како хуман гест за помош на децата со попреченост со мотото „од деца за деца“, смета тој.

Интересот за информатичкиот свет се појавил уште од најрана возраст

Но, покрај „Сликозбор“, овој средношколец е автор и на 16 други апликации, од кои последна е „Шарена Азбука“. Таа е наменета за дечињата коишто почнуваат со учење на буквите од азбуката и првите зборови.

„Најпрво започнав со правење апликации за компјутер, но кога се појавија смартфоните и Андроид телефоните, тие станаа многу интересни. Бев многу заинтересиран во нив и така почнав да учам на интернет за нив и како да правам апликации за нив. Од тие 16 апликации, имам и игри и апликации, од кои дел се за забава, додека пак другите се едукативни“, појасни Шекеров.

Сепак, неговото секојдневно надградување значи и помалку слободно време.

„Знаењето и вложувањето во себе малку крати од моето слободно време, но од друга страна нуди бенефит преку патувањата во различни држави и места, запознавање и дружење со други деца како мене за време на натпреварите по информатика. Од компјутерски јазици, ги познавам: C, C++, Java, HTML и CSS, C#, Objective-C, Android, iOS, PHP и други“, вели тој.

Тој е ученик во прва година во ПСУ International High School со стипендија за талентирани ученици, а во иднина се гледа како успешен дипломиран програмер во успешна ИТ фирма, било дома, или во странство.

Емилија Петреска