Институт за јавно здравје: Секој втор граѓанин активно пуши, а 65 отсто консумираат алкохол

На возраст од 15 до 64 години активно пушат 46 отсто од граѓаните, 65 отсто консумирале алкохол, 24 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, а околу 40 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец. Во текот на животот околу девет отсто имаат земено каква било илегална дрога, а најчесто е застапена марихуаната со 8,2 отсто.

На возраст од 15 до 34 години активно пушат 40,2 отсто од граѓаните, 76 отсто консумирале алкохол, 14 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, околу 60 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец, а околу 15 отсто земале канабис.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето „Употреба на паихоактивни супстанции меѓу општата популација во Република Македонија“. Со истражувањето биле опфатени 5.005 испитаници во скопскиот регион.

Според истражувањето, дрога најчесто земаат лица на возраст од 17 до 27 години, со исклучок на кокаинот кој го земаат лица над 30 години. Новите психоактивни супстанци, пак, се застапени кај еден процент од популацијата.

„Мажите користат повеќе супстанции за разлика од жените кои повеќе користат седативи“, изјави Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје.

Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети рече дека дел од илегалните дроги се дистрибуираат и во Македонија. Употребата на илегалните дроги е околу два проценти, но, според него загрижува фактот што таа има тренд на пораст и е поврзана со возраста. Појасни дека околу пет проценти од децата на возраст од 15 и 16 години  се изјасниле дека пробале барем еднаш до два пати марихуана.

„Недостигаат податоци за вкупниот број на возрасни лица кои користат психоактивни супстанци на национално ниво. Со поддршка на Министерството за здравство и согласно упатствата на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги од Лисабон, Институтот за јавно здравје беше координатор на проектот Глобално популационо истражување за дроги кое првпат се спроведе во Македонија“, рече Мемети.

Тој додаде дека добиените сознанија од студијата претставуваат голем придонес во јавното здравство, имајќи во предвид дека претставуваат основа за креирање на идните политики во борбата против зависностите од психоактивни супстанци.