Инспекторите не утврдиле организирано верско делување во училиштата за бадниковите поворки

Со учеството на учениците во бадникарските поворки во саботата не е прекршен Законот за основно образование бидејќи децата во таа верска манифестација не биле организирани во училиштата што е казниво со законот, утврдија инспекторите од Државниот просветен иснпекторат.

Тие изминатите два дена направиле надзор и досега добиле записници од 162 градски училишта од повеќето градови низ Македонија, меѓу кои и од 34 основни училишта во Скопје. Како што пренесе МИА, директорот на ДПИ Томе Спировски изјавил дека од официјалните записници што инспекторите ги добиле по разговорите со училишните раководства, заклучено е дека во ниту едно училише нема повреда на Законот за основно образование, зашто не е констатирано подготовка и план за верската прослава.

Спировски вели дека немало ниту една поплака од родител дека детето му било злоупотребено, а според сознанијата добиени од записниците, учеството во поворките за Бадник биле организирани преку социјалните мрежи.

Инспекцискиот надзор во училиштата се случи на барање на Министерството за образование и наука, откако во јавноста излегоа информации дека и некои училишта се вклучиле во организација на настанот. Од МОН посочија дека не дале согласност за подготовка или организирање на учениците за учество во бадникарските поворки, како и дека во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“.

Сепак, одредени општини се истрчаа да се пофалат дека нивните училишта се вклучиле во поворките. Така на пример, во официјалното соопштение на Општина Кисела Вода за настанот , тие напишаа дека настанот се организира во соработка со основните училишта.

Сепак, откако јавноста го осуди мешањето на религијата во образованието и секуларноста на учулиштата, дел од соопштението беше отстрането од страницата на Општината.

За случајот се заинтересира и отвори предмет и Народниот правобранител.