Инспекторатот за животна средина бара дополнителни средства, екипа и граѓански ангажман против загадувањето

Од вкупно 14 инспекторати, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) се наоѓа на претпоследно место со годишен буџет од 240.000 евра. Од нив 204.000 евра се наменети за плати за вработените, а со останатите се извршуваат сите активности на ниво на држава, што е практично невозможно. Инспекторатот во моментот е во долг од околу 1 милион денари, што претставува сериозна пречка за нормално функционирање. Блокирани се и телефонските линии.

Овие информации денеска на прес-конференција ги соопштија претставници од ДИЖС. Потенцираат дека освен финансиската состојба проблем е и недостигот на инспектори за да работат на терен и реагираат по претставки на граѓаните.

„Од 20 вработени, само 16 се инспектори и работат на целата територија на Република Македонија и го покриваат загадувањето на воздухот, почвата, водата и вклучително и отпадот. Западниот дел од земјава има шест, во југоисточниот дел исто шест, додека Скопје е покриен со четири инспектори. За секторот вода има само еден инспектор. Очигледна е потребата и за доекипирање со други стручни и технички лица. Согласно заложбите на новата Влада и здравјето на сите нас, очекуваме во Буџетот за 2018 година да бидат издвоени средства за нормално функционирање на Инспекторатот“, рече новиот в.д. директор на ДИЖС, Мирослав Богдановски.

Под ова подразбира и набавка на нови мобилни современи инструменти за индикативни мерења, со што прецизно би се лоцирале изворите и видот на загадувањето.

Во дух на принципи на отвореност и достапност, дополни тој, Инспекторатот од неодамна има и своја Фејсбук-страница, преку која комуницираат со сите заинтересирани, на дневна основа. Веќе е договорена работна средба со неколку еколошки невладини организации на 25 септември, a ги повика и граѓаните да алармираат и упатуваат претставки за извори на загадување, согласно надлежностите на државните и општинските инспектори.

Понатаму, досегашниот План за редовни контроли е во процес на ревизија и дополнување, со што ќе бидат опфатени сите потенцијални загадувачи. За постигнување на целосна ефикасност, Инспекторатот ќе инсистира на нова законска регулатива со која институцијата би си го добила заслуженото место во општеството.

Мирослав Богдановски и Дарко Блинков

„Еден од продуктите е и новиот Закон за инспекција во животната средина. Има поддршка од сите релевантни институции, само чекаме да влезе во владина процедура. Направена е и детална анализа на инспекцискиот систем. Понудени се три модули. Најинтересен е оној што не предвидува овластени инспектори за животна средина, односно да има единствен систем за инспекција“, рече Дарко Блинков од Инспекторатот.

Според европски директиви би се промениле и информациите од инспекциските надзори, кои би биле достапни на пошироката јавност. Пример, ова би значело ако некој кликне за Карпош, ќе види за инсталациите во општината, дозволите…

„Ќе имаме практично електронска база на податоци, и плус медологија, алатка за планирање на инспекцискиот надзор врз основа на ризици. Ако е проблем со воздухот во Скопје, 30% од планираните инспекции да бидат за воздух, а ако пример Охрид нема проблем со воздухот, тогаш надзорите да бидат за води. Ова значи да се користат сите расположливи алатки на ЕУ“, вели Блинков.

Ако сите страни максимално се заложат и ангажираат, смета дека за три до шест месеци може да почнат да се почнат реформи.

„Не очекува долг и работен процес. Инспекцијата е само еден дел од мозаикот. Многумина мислат дека ако една инсталација се затвори, воздухот преку ноќ се се исчисти. Секторот животна средина е најскап треба вложување и координација од повеќе аспекти“, рече Блинков.

Бојан Шашевски