Иновативен камп – решение како да се намали сметката за електрична енергија

Вкупно 140 средношколци од 28 средни училишта од земјава беа пријавени за еднодневниот Иновативен камп – натпревар во претприемачки вештини.

Учениците ги воодушевија присутните со своите иновативни решенија од прочистувачи за воздух, микро контролори за заштедување на електрична енергија, преку идеи за производство на економични светилки, клима уреди на соларни колектори, до батерии на соларна енергија, модуси за рециклирање на пластика и хартија и иновативни идеи за создавање на био гориво од растително потекло.

Победник беше групата 4, чија компанија нуди нуди услуга во вид на апликација. Може да им помогне на сите кои сакаат да купат нов електричен производ, за поволна цена, а едновремено да ја намали и сумата на нивната сметка за електрична енергија.

Апликацијата има за цел да ги подредува електричните производи по најмала потрошувачка на електрична енергија и со тоа да придонесе за енергетската ефикасност во заедницата, а и семејниот буџет, заштедувајќи електрична енергија.

Групата 4 е составена од учениците Викторија Димитриевска (Скопје), Дарио Петроски (Скопје), Ирена Илиева (Струмица), Надица Крстева (Кавадарци), Ахмеда Мустафова (Берово) и Никола Петрески (Охрид).

Победничкиот тим

„Производите во апликацијата ќе бидат подредени од производи со најмала потрошувачка на енергија, до оние со најголема. Клиентите ќе можат да ја изберат најповолната цена за својот буџет, со тоа што ќе има поле, каде што ќе се внесува буџетот со кој што располагаат. Второстепената намена, покрај услугата за пронаоѓање на производ со најмала потрошувачка на електрична енергија е и онлајн нарачка на производот или локацијата од каде може директно да го купат избраниот производ“ објаснуваат победниците.

Инаку, учениците на натпреварот беа  поделени во тимови од шесторица и добија задача да осмислат производ или услуга што ќе придонесе за енергетска ефикасност во заедницата. Секоја група беше задолжена да осмисли бизнис план за својата компанија и да го презентира пред жири комисија и пред останатите, како замислува да ја реализира својата идеја, која би имала широка употреба во корист на општеството.

За само 5 часови сите групи успеаја да осмислат бизнис планови, а имаа само неколку минути за нивна презентација.

Според организаторите, големиот одзив на средни училишта од земјава е само потврда на интересот помеѓу младите за развивање на претприемачкиот дух, влевајќи им надеж дека во иднина ќе можат да ги реализираат своите идеи и да го задржат нивниот фокус и интерес во рамките на нашата земја. Целта на образовната програма е да се намали одливот на стручен кадар од земјава и да се задржат младите образувани и амбициозни луѓе, кои имаат талент и знаење за развивање на бизнис.

Настанот беше во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, дел од глобалната мрежа Junior Achievements Worldwide. Програмата во Македонија е поддржана од УСАИД. Натпреварот е дел од програмата за Ученички компании, која ќе се спроведува во средните училишта во текот на целата учебна година.