[INmusic 2016] Откажан настапот на Skunk Anansie, Florence and the Machine воодушевија со енергичен концерт

На втората вечер од INmusic фестивалот во Загреб посетеноста беше многу поголема од претходната. Но, на огромно незадоволство на голем дел од публиката, британскиот бенд Skunk Anansie го откажа својот настап поради ненадејна повреда на пејачката, само 10 минути пред почетокот.

Голем дел од присутните имаа еднодневна карта, купена особено за Skunk Anansie, а организаторите наидоа на многу критики поради доцната објава за откажувањето на концертот. Наместо нив, сцената ја презедоа Kawasaki 3P, ветерани на хрватската сцена кои постојат од ’93-та година. Овој панк/ска/реге бенд беше вистинско освежување на сцената и секако ја размрда разочараната публика.

Она што следуваше потоа – долгоочекуваниот концерт на Florence and the Machine, апсолутно ги остави присутните без здив. Бескрајно талентираната Флоренс Велч танцуваше, скокаше, разговараше со присутните и ја сподели својата љубов, барајќи од сите таму да ги прегрнат и бакнат оние до нив.

Публиката пак пееше во еден глас и често некој доаѓаше во контакт со пејачката, која неколку пати се симна меѓу нив. На хитот „You got the love“, извади големо прајд знаме во знак на љубов и мир и како сеќавање на жртвите од Орландо. Концертот заврши со „The Dog Days Are Over“, но публиката не ја пушти Флоренс, па мораше да се врати на бис.

Вечерва се затвора единаесеттото издание на INmusic фестивал кој се одржува на езерото Јарун во Загреб.

Меѓу останатите, за третата фестивалска вечер се најавени и настапите на Wilco, Pat Thomas and Kwashibu Area Band и PJ Harvey.

Стефанија Тенекеџиева