Индиски хакери тврдат дека објавиле детали за 1,7 милиони корисници на Снепчет

Анонимни хакери од Индија трдат дека ги објавиле приватните детали на 1,7 милиони корисници на Снепчет на „темниот интернет“, како одговор на навредата на извршниот директор кој рекол дека „Индија е сиромашна земја“.

Од Снепчет негираат дека се случило хакирање, како и дека извршниот директор Еван Шпигел некогаш изјавил дека „апликацијата е за богати луѓе“ а не за „сиромашните земји како Индија и Шпанија“, како што јави магазинот Variety.

Но, тоа не ги спречило навредените индиски муштерии да го спуштат рејтингот на апликацијата од пет ѕвезди на една на Епл стор, започнувајќи #UninstallSnapchat и #BoycottSnapchat кампањи на Твитер, и наводно компромитирајќи два милиони профили.

Портпарол на апликацијата вредна 25 милијарди долари изјави: „Ова е смешно. Очигледно, Снепчет е за сите. Достапен е во цел свет и се презема бесплатно“.

„Овие зборови беа напишани од незадоволен поранешен работник на Снепчет. Благодарни сме за нашата заедница во Индија и секаде во светот“.

Обвиненијата беа направени во тужба поднесена од Ентони Помплиано, поранешен вработен на Фејсбук кој се префрли во Снепчет, за на крај да си оди и од таму незадоволен.

Тој тврди дека „открил распространет, системски неуспех во внатрешната контрола на Снепчет врз податоците на нивните корисници“.

Проценет број од 300 милиони ја користат апликацијата барем еднаш месечно, а 2,5 милијарди „снепови“ се испраќаат секој ден. Односно, 30.000 секоја секунда.

Во 2013, хакери успејаа да ги добијат податоците за 4,6 милиони корисници на Снепчет, објавувајќи преработена верзија од податоците на јавно достапна веб страница. Поради тоа, корпорацијата беше принудена да објави извинување.