Илон Маск и 116 други научници апелираат до ОН да го забранат користењето на автономно оружје

Некои од водечките пионери на роботиката и вештачката интелигенција ги повикуваат Обединетите нации да го забранат развојот и користењето на роботи-убијци.

Основачот на Тесла, Илон Маск и Мустафа Сулејман, директор на Алфабет, ја водат групата на 116 специјалисти од 26 држави, кои повикуваат на сеопфатна забрана на автономните оружја.

ОН неодамна изгласа да започне формални дискусии за ваквите оружја, меѓу кои има дронови, тенкови и автоматски пушки. Претходно, групата на основачи на компаниите за производство на вештачка интелигенција и роботика, испратија отворено писмо до ОН, апелирајќи да се изврши превенција на трката за оружје, која моментално се води за роботите кои можат да се користат за масовно уништување.

Во своето писмо, основачите предупредуваат дека ваквата трка за оружје може да поттикне „трета револуција во воено оружје“, после барутот и нуклеарните бомби.

„Кога еднаш ќе се развијат, смртоносните автономни оружја ќе му овозможат на вооружениот конфликт да се води на многу поголем размер од порано, како и могу побрзо одошто луѓето можат и да разберат. Тоа можат да бидат оружја на терор, оружја кои деспотите и терористите ќе ги користат врз невиното население, оружја кои ќе може да се хакираат за да се однесуваат на непосакувани начини“, пишуваат најпознатите научници кои работат во областа на современа технологија.

„Немаме многу време за да реагираме. Кога еднаш ќе се отвори оваа Пандорина кутија, ќе биде многу тешко да е затвори“.

Експертите и претходно предупредуваа дека технологијата со вештачка интелигенција достигна точка од кога користењето на автономни оружја е замислива во наредните неколку години, а не децении, како што се мислеше. Иако вештачката интелигенција може да се користи да го направи бојното поле побезбедно за војниците, експертите страуваат дека ваквите оружја ќе можат да оперираат самите.