ИЛО: Над 150 милиони деца принудно работат, а 40 милиони луѓе се во модерно ропство

Едно од секои десет деца во светот е жртва на принудна работа, додека над 40 милиони луѓе се жртви на модерното ропство, покажуваат податоците кои ги објави Меѓународната организација на трудот (ИЛО) на Генералното собрание на Обединетите Нации, добиени во партнерство со Фодацијата „Движи се слободно“ и Меѓународната организација за миграција.

Од 152 милиони деца кои работат принудно, 54 милиони се девојчиња, а 88 милиони се момчиња, додека за бројот на луѓе во модерно ропство, од ИЛО велат дека се работи само за „конзервативна проценка“.

„Околу половина од децата кои се принудени на работа, работат небезбедни работи. Над една третина не посетуваат училишта, две третини од децата работат на семејните фарми или во семејни претпријатија, додека речиси 71 процент од нив извршуваат земјоделски работи“, се наведува во извештајот на ИЛО.

Девет од десет деца кои работат принудно живеат во Африка, Азија и Океанија.

Иако бројката на деца кои работат принудно е намалена за 94 милиони во споредба со 2000 година, сепак тој пад е успорен во периодот од 2012 до 2016 година.

Ова е првпат организациите кои се залагаат против ропството да работат заедно на утврдување на меѓународната проценка на бројот на луѓе, жртви на „модерното ропство“, што за разлика од претходно, покрај жртвите на трговија со бело робје и жртви на принудна работа, по прв пат во проценките ги вклучува и лицата кои живеат во принудни бракови.

Податоците треба да послужат како основа на активистите и владите за да ја постигнат целта на Обединетите Нации, до 2030 година да се стави крај на принудната работа за децата и модерното ропство.