Илјадници жени му се спротивставија на Трамп, побараа да престанат навредите и насилството

Стотици илјади жени во Вашингтон учествуваа во Женскиот марш, толпа поголема од очекуваната реши гласно да ја каже својата забелешка за инаугурацијата на Доналд Трамп.

Доаѓајќи од целата земја, демонстрантите го „окупираа“ теренот околу Националниот музеј на американските Индијанци. Организаторите, кои првично бараа дозвола за собир на 200 000 луѓе, денес изјавија дека имало околу половина милион учесници, со што се надмина бројката на луѓе кои присуствуваа на инаугурацијата.

Слична беше ситуцијата и низ земјата. Во Чикаго, 150 000 демонстранти го преплавија центарот на градот, по што претставниците откажаа дел од маршот. Транзитниот систем во Бостон додаде дополнителни возови поради десетиците илјади демонстранти. Лос Анџелес, Денвер, Њујорк и Мајами, исто така, привлекоа голем број луѓе.

[Галерија] Женскиот марш низ целиот свет

Во Вашингтон, демонстрантите – главно жени,  рекоа дека сакаат да ги претстават своите ставови против Трамп, што е можно појавно, бидејќи тој редовно ги навредувал жените и проблемите кои ги засегаат. Поддршка добија од Хилари Клинтон, која преку Твитер им се заблагодари што маршираат за вредностите на жената и нагласи дека само обединети жените ќе успеат.

82-годишната феминистичка икона Глорија Стајнем, која беше меѓу првите говорници, ја погледна толпата и издиши.

„ Ова е излив на демократија каков што јас никогаш не сум видела во мојот долг живот “, рече таа.

Синтија Инглиш, 61-годишна Јамајканка која живее во Флорида, вели дека сака новиот претседател да знае оти жените ќе се борат за време на неговото претседателство за да се осигураат дека земјата и законите ќе ги третираат подеднакво. Таа беше со својата ќерка и маршираше за нејзините две внуки, надевајќи се дека ниту еден друг претседател нема да се чувствува удобно кога ќе кажува непристојни коментари за жените.

„Јас не сакам ова да им се случи 20 години од сега, така што оставам свој белег сега”, рече Инглиш.

„Зошто ние сме оние кои ги носат луѓето на овој свет, а нè третираат најлошо? Нам треба да нè третираат со почит“, додаде.

Изборот на Трамп беше будењето кое на прогресивците им беше потребно, рече Ерин Едлоу, 28, директорка на членството на „Младите демократи од Вирџинија Бич“. Таа беше во градот со својата сестра за да ја покажат својата поддршка за ЛГБТ и имигрантските права.

„Демократијата не е гледање спорт”, рече таа.

На маршот учествуваа голем број на познати личности, вклучувајќи ги Џанел Монае, Скарлет Јохансон и Ешли Џад. Градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Е. Боусер се претстави како горда „згодна градоначалничка” и го замоли републиканското мнозинство во Конгресот да запре со мешањето во локалните закони на областа.

Активистот и режисер Мајкл Мур силно се спротивстави на Вашингтон Пост поради насловот „Трамп ја презеде власта” и изјави „Јас не мислам така“.

Актерката Америка Ферера, пак, спомена: „Нашиот нов претседател води војна на вредностите кои ја дефинираат земјата“.

„Претседателот не е Америка”, рече таа. „Ние сме Америка”.

Организаторите на демонстрациите повикаа да се стави крај на насилството врз жените, да се почитуваат правата на работниците, репродуктивните права, да има правда за животната средина, да се почитуваат и имигрантите.

Џон Фишер, 34-годишен бравар од Гранд Рапидс, Мичиген, возел повеќе од девет часа со неговата сопруга Кара Игл.

„Јас сум тука за да ја поддржам мојата сопруга “, рече Фишер. „Без разлика кој е, жените влијаат на нашиот живот и нема причина зошто тие да ги немаат истите права како и мажите”.