Илјадници бегалци започнаа штрајк со глад во јужна Унгарија

Илјадници бегалци, главно од Сирија, започнаа штрајк со глад во јужна Унгарија, во близина на границата со Србија, јавуваат светските медиуми.

Бегалците протестираат против одлуката на унгарските власти и формално да ја затворат границата со Србија, откако ја завршија изградбата на најавуваната ограда. Со ова, затворена е главната рута низ која од почетокот на годинава, 160.000 бегалци поминаа на својот пат кон Западна Европа.

Унгарија денеска прогласи вонредна состојба во две области на границата со Србија, подготвувајќи се за проблеми и инциденти со бегалците. Ова ќе овозможи во евентуалното справување со бегалците да биде вклучена и унгарската војска.

Конзервативната унгарска влада на премиерот Виктор Орбан се надева дека ова ќе биде решение за повеќемесечната борба со прблемот на бегалците. Повеќе од 9.000 бегалци успеаја да влезат во унгарија во часовите пред затворањето на границата, според официјалните податоци, но значајно поголем број луѓе, кои се уште се пробиваат низ Сирија, Турција, Грција и балканските земји, сега се наоѓаат во безизлезна ситуација.