Игра во која градите царство на лажни вести со научна и едукативна цел

Лажните вести веќе се цела посебна индустрија. За нив се прават филмови, претстави, а сега се претвораат и во игра, со благородна цел – на луѓето да им се помогне полесно да ги сфатат начините за манипулација и измама.

Научниците од Кембриџ создале онлајн игра, едноставно наречена „Лоши вести“, каде играчите се натпреваруваат да станат „новински тајкун на дезинформациите и лажните вести“. Со ставање фокус на сомнителните практики, тие се надеваат дека играта, на некој начин, ќе биде „вакцина за јавноста“ и ќе ги направи луѓето имуни на ширењето невистини.

„Идејата е дека кога еднаш ќе ги видите тактиките и ќе ги користите во играта, ќе изградите одредена отпорност. Сакаме јавноста да научи што прават овие луѓе со тоа што ќе ги ставиме на нивно место“, вели за Гардијан Сандер ван дер Линден, директорот на Лабораторијата за социјалното носење одлуки на Кембриџ.

Луѓето кои ја играат играта мораат да го одржуваат огромниот број на виртуелни следбеници на Твитер преку искривување на вистината, ширење лаги, креирање на поделби и одвлекување на вниманието кога ќе бидат откриени. Во текот на целиот процес тие мораат да одржуваат кредибилност во очите на нивната публика.

Играта ја дели тактиката за искривување на вистината во шест клучни стратегии. Кога играчот ќе покаже заинтересираност за некоја од нив, добива беџ. Во едно од нивоата, играчите можат да изберат да го имитираат претседателот на Соединетите Американски Држави и да напишат твит од лажен профил – кој прогласува војна со Северна Кореја дополнето со хаштагот #KimJongDone.

При секој чекор играчите се прашани дали се среќни со нивните одлуки, или можеби чувствуваат срам, емоција која води кон потсетување дека „доколку сакате да бидете мајстор на дезинформирањето, морате да се откажете од вашата чесност“.

Следниве шест месеци, ван дер Линден, кој на проектот работи заедно со холандскиот медиумски колектив – Дрог, ќе прибира информации од играта, како резултатите на играчите на прашалниците кои одредуваат колку добро можат да ја забележат тактиката која ја употребиле.

„Мислам дека се исплаќа да се преземе овој ризик, со оглед на тоа колку многу луѓе можат да се едуцираат на овој начин“, рекол ван дер Линден на прашањето дали постои опасност играта да ги однесе играчите на „темната страна“.

Научниот труд ќе биде објавен во Списанието за истражување ризици (Journal of Risk Research).