IFail – четврта конференција каде успешните ги споделуваат своите грешки и предизвици

Заедницата Global Shapers ја организира четвртата IFail конференција на која четири успешни македонски личности ќе ги споделат своите грешки што ги направиле за време на својот кариерен развој.

„И во Македонија има успешни луѓе кои направиле грешки за време на нивниот раст и развиток, но денес се успешни и влијателни во нивните индустрии. И со цел да ви доловиме што се случува “behind the scenes” во животите на ваквите луѓе, горди сме по четврти пат да ве поканиме на нашиот настан iFail, и да слушнете четири приказни кои се надеваме дека ќе ве инспираат“, стои во поканата за настанот.

Најавени говорници се Бојана Нацева (Виш специјалист за образование во Светска банка), Огнен Јаневски (водител), Валентина Дисоска (Здружение на бизнис жени) и Синиша Наумоски (извршен директор на Академијата за банкарство и информатичка технологија).

Настанот ќе се одржи во просториите на Кино Култура во четврток, од 19 часот.

Настанот е јавен и бесплатен.