Иан Елзесер: Псоријаза, не знаеш како е додека не ја почувствуваш на своја кожа

Иан Елзесер, како начин да ја подигне свеста во општеството за кожната болест псоријаза и проблемите со кои луѓето кои ја имаат се соочуваат, го најави отворањето на изложбата „Разголен“, закажана за понеделник (30.11) во кафеаната Сокаче. Во интервју за Радио МОФ тој зборува за мотивацијата за невообичаената изложба, за псоријазата и проблемите со кои се соочува поради неа.

Според медицинската дефиницијата, псоријазата е болест прeдизвикана од повеќе фактори, но главно влијание имаат гените и имунитетот. Луѓето ја објаснуваат и перципираат како непријатна и необична болест, манифестирана со бели точки опкружени со црвенило и остатоци од кожа. Колку често твојот објектив успева да најде убавина и во она што не се смета за конвенционална убавина и која е мотивацијата зад фото проектот?

Мотивацијата е едноставна – подигање на свеста кај луѓето. Да може секој кој пати од оваа болест слободно да има интеракција со луѓе, а да нема размена на лоши погледи, па дури и покажување со прст. Сите луѓе зборуваат како внатрешната убавина е таа што треба да ја бараме, но длабоко во мозокот ни е врежано да прво да ја забележуваме надворешната. И тоа е најголемиот проблем кај луѓето со псоријаза, што повеќето го знаат токму овој дел.

Што точно содржи изложбата? Колку време работеше на проектот?

Изложбата се состои од три дела: 10-15 фотографии на кои ќе бидат изложени „заразените“ делови од моето тело, три портрети, еден автопортрет, два портрети од мои блиски пријатели кои исто се соочуваат со псоријаза и една кукла која сакам целосно да ја покријам со парчиња од мојата кожа. Со тоа сакам да покажам дека псоријазата може да се појави на секој дел од телото.

Како твоите врсници и опкружувањето ја прифаќаат и перцепираат псоријазата? Знаат ли луѓето да упатуваат чудни погледи кога не знаат за што се работи?

Моето опкружување ја има прифатено, но проблемот е што јас немам прифатено дека тие прифатиле. Можеби и така е подобро. Така сé уште имам сила да продолжам со борбата. Се има случено неколку пати непознати лица на улица да ми упатат чудни погледи,но научив да го игнорирам тоа и да продолжам со денот, иако било многу тешко на моменти. До некаде и ги разбирам, и јас сум бил таков понекогаш. Нормално е кога гледаш нешто што не си го видел досега да изреагираш поразлично. Но, како што викаат, дури не почувствуваш на своја кожа, не знаеш ништо.

Колку си задоволен од она што здравствениот систем кај нас може да го понуди за справување со псоријазата?

Не очекувам ништо од здравстениот систем. Не ни планирам да се потпрам на нив. Лекот лежи во мене, а тоа е дисциплината.

Планираш ли слични изложби и кампањи за подигнување на свеста за оваа болест?

Засега не планирам ништо, но доколку има такво барање, секако дека би продолжил. Никогаш не е доста.

Третиот дел од твојата изложба е составен од портрети од твоите блиски пријатели, кои исто така се соочуваат со псоријазата, изработени од кожа на платно (мртво ткиво). Како ги изработуваш овие невообичаени портрети, и како доаѓаш до невообичаениот материјал – кожата?

Кожата, после нанесување на кортикостероидите (најефективни, но и најштетни), е мека и паѓа. Така и ја добив идејата, но не за изложба, туку за моја лична сатисфакција. Почнав да им споменувам на блиските околу мене за автопортретот, и сите велеа дека е одлична идеја. Така се роди и мотивацијата за изложбата. Инаку, кожата ја собирав околу два месеци. Со нагли движења понекогаш се случува да пукне , а тоа боли како 1000 ножеви наеднаш да те бодат по целото тело.

Стефанија Тенекеџиева