И во Белград денеска се протестира против насилството на власта

Протестен собир под мотото „Маските паднаа ќе се одржи денес во 18:00 часот пред Собранието на Град Белград,  откако беа обелоденети снимки на кои се гледа како владејачките структури се обиделе да го заташкаат и сокријат насилниот инцидент кој се случи пред две недели во населбата Савамала.

Во ноќта на 25 април, непосредно по парламентарните избори во Србија, десетици маскирани вандали, опремени со механизација, багери и алати, упаднаа во неколку објекти на улицата „Херцеговачка“ во населбата Савамала (во која треба да се гради мегапроектот на власта „Белград на вода“) и ги урнаа објектите. Групата притоа врзала еден чувар и му го одзела мобилниот телефон, претресувала коли и куќи, а малтретирала и случајни минувачи. Овој чин на насилство помина речиси без никаква реакција од полицијата, која и по две недели нема информации за мотивите и за сторителите на инцидентот.

Во извештајот на Народниот правобранител на Србија за случајот се вели:

„Групата два часа презела фактичка власт над дел од Белград. Насилниците, со примена на физичка сила, дрско вадела луѓе од автомобили и објекти, го спречувала нивното движење, претресувала објекти и канцеларии и го одзела видеоматеријалот снимен од безбедносните камери“.

Според увидот на Правобранителот, полицијата ги замајувала сите граѓани кои се обиделе да го пријават инцидентот и ги префрлала кај Комуналната полиција, која исто така била незаинтересирана. Снимки од полициската комуникација од вечерта укажуваат на тоа дека полицијата се обидела да го заташка случајот, како и дека насилството било планирано, координирано и изведено со учество на високи функционери на власта.

Организаторите на вечерашниот протест ги повикуваат граѓаните да му се спротивстават на насилството на власта и да им покажат на насилниците дека не се плашат.