И вечерва рачен катапулт со боја кон Собрание, продолжуваат протестите на Шарената револуција

Рачниот катапулт и вечерва беше вперен кон Собрание каде успешно летнаа балоните со боја. Шарената револуција го обои кон законодавниот дом, во кој вчера се вратија пратениците.

Пред присутните, од импровизираната бина пред Собрание се обратија актерот Марин Бабиќ и пратеникот Горан Сугаревски од СДСМ.

Бабиќ потсети дека со тешко срце го напуштил Драмски театар во времето кога се смени власта. Тој јавно и се обрати на директорката на на Театарот Комедија која вчера бараше гумени куршуми за демонстрантите, во нејзин пост на ФБ кој брзо беше избришан по реакциите на јавноста.

„Таа дотична дама никако да сфати дека уметноста во која што залутала е да го облагороди и оплемени човека, а не да го ништи и да го убива. Дали таа знае што значи куршум? Појма нема!“, рече Бабиќ.

Горан Сугаревски од СДСМ пак посочи дека не смее да помине аболицијата и не смее да има селективна правда.

„Сите ќе мора да се соочат со лицето на правдата. Милијарди од оваа држава се изнесени, тие мора да се вратат, а одговорните ќе завршат во затвор. Правда мора да има, мора да има казна за оние лица кои и направија зло на оваа држава“, порача тој.

Радио МОФ и денеска во живо го пренесуваше протестот. Делот пред Собранието, говорите и боењето, погледнете ги во продолжение:

Инаку протестот денеска почна вообичаено, пред СЈО во 18 часот. Потоа демонстрантите тргнаа кон Театар Комедија и на улицата пред него испишаа „Куршумите живот значат даско една“, продолжија и повторно ја обоија палатата Панко Брашнаров, за да стигнат до последната дестинација за вечерва – македонското Собрание. Од Протестирам потсетија дека едно барање е исполнето за одложување на изборите од 5 јуни, но остануваат уште седум. Најавија „пеколно лето“. Протестите продолжија и во 13 градови вечерва низ Македонија.