И Професорскиот пленум ги осуди плакатите против средношколците

Професорскиот пленум најостро го осудува поставувањето на плакатите што вчера наутро осамнаа низ повеќе градови и во средни училишта, на кои се наведени имиња на активисти од Средношколскиот пленум.

Пленумот смета дека е срамно и подмолно на ваков начин да се повредува нивната приватност и цени дека ваквата постапка кон малолетни лица е недозволива и грозоморна. Воедно, изрази поддршка за Наставничкиот и Средношколскиот пленум.

„Драги професори и наставници, знаеме со какви шиканирања се соочувате. Ги знаеме сите последици и апсурдности и од екстерните тестирања, чии резултати не само што не даваат објективна слика за знаењето на учениците, туку и ве принудуваат да им робувате на наметнати образовни форми кои неповратно ги осиромашуваат и деградираат вашите наставни програми. Вашите залагања се јасни и тие се нераскинлив дел од нашите. Пред нас е период во кој ќе мораме сите заедно да се избориме за она што е најважно во креирањето на иднината на сите нас – образованието“, се вели во денешното соопштение на Пленумот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права пак, вчера информираше дека до нив се обратиле родители и ученици чии имиња се појавија на плакатите. Комитетот побара од надлежните институции да се спроведе истрага за сторителите за, како што велат, лицата чии права се повредени да им се овозможи да иницираат или да поведат соодветни судски постапки и да добијат соодветна заштита.

И Наставничкиот пленум вчера соопшти дека е згрозен од кампањата против Средношколскиот пленум. Тие сметаат дека овој чин претставува говор на омраза и повикаа надлежните итно да реагираат.