Хуманитарна студентска акција на СПУКМ за поплавените домови

Во петок (12 август) во 11 часот се организира собир на платото на УКИМ по што со организиран превоз студенти ќе заминат во поплавените подрачја во Скопје за да им помогнат на настраданите граѓани, повика Студентски парламент на Универзитет „Св. Кирил и Методиј”од  Скопје.

„По разговор со жителите од поплавените подрачја во Скопје, најголема помош е потребна во физичка сила за расчистување на кал, рушевини и вода од нивните домови, се со цел поскоро да можат да ги вратат во функција. Ние немаме машини и механизација, но сите имаме големо срце и волја со гумени чизми, лопата и ракавици да помогнеме. Заедно, здружени, ние студентите, најмладата сила, да помогнеме на нашите сограѓани од населените места кои се најмногу погодени од невремето кое го надвладе нашето Скопје“, се вели во повикот за акцијата.

Секој студент е добредојден да се приклучи кон акцијата, а исто така ги покануваме и сите студентски организации да се приклучат кон истата. Секој волонтер ќе добие медицинска маска и ракавици. СПУКМ најавува барање во интерес на сите студенти од кризните подрачја кое ќе биде доставено до Ректорската Управа. Барањето ќе биде секој студент од регионите кои беа погодени од поплавите да бидат ослободени од партиципација за учебната 2016/2017 година.