Македонија години наназад е европски рекордер по бројот на млади кои живеат со родителите

Според бројот на младите од 18 до 34 години кои живеат со родителите, Хрватска со 70,1 отсто за 2015 година е рекордер во Европската унија. Меѓутоа, Еуростат се уште нема објавено податоци за минатата година за Македонија, која во периодот од 2010 до 2014 била на врвот на оваа листа.

Имено, според Еуростат, во 2010 година 72.4 осто од младите живееле со родителите, во 2011 регистрирани се 74.2 отсто, а во 2012 дури 75,5 отсто. Ова значи, само една четвртина од младите живееле самостојно. Ова е највисок процент запишан на ниво на цела Европа, во цела деценија наназад.

Млади од 18 до 34 години кои живеат со родителите (податоците се изразени во проценти)

Ништо подобри бројки нема ни за 2013. Тогаш процентот бил 73.5, а за 2014 година за нијанска подолу – 72,5, што сепак претставувало рекорд во анализираните земји од стариот континент.

Инаку, повеќе медиуми веќе ги објавија рекордните бројки за Хрватска за ланската година, кога високи проценти на млади што живеат со родителите е забележан и во Словачка – 69,6 %, Србија – 69,5, Италија – 67,3, Малта – 66,1, Портурагалија – 62,9, Полска – 60,9 и Романија 59,2.

Статистиките генерално покажуваат дека во традиционално католичките медитерански земји просекот е секогаш поголем. За разлика од нив, најбрзо се осамостојуваат Данците 19,7 отсто, потоа Финците 20,1 отсто, Швеѓаните 22,2, па Норвежаните 22,9.

Просекот на ЕУ за млади луѓе кои живеат со родителите е 48%.