ХОПС бара преработка на владиниот предлог за медицинска употреба на канабисот

Собраниската комисија за здравство го усвои предлогот за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци во прво читање и го даде на натамошно разгледување.Од здружението ХОБС, Опции за здрав живот излегоа со детална анализа на предложените измени и укажаа на бројни небулози во предлогот со кој треба да се легализира употребата на медицинската марихуана.

„Целта на Измените е регулирање на медицинската употреба на конопот, а од анализата погоре произлегува дека одредбите не и служат на планираната цел, напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со овој лек. Високите финансиски трошоци за воспоставување на услови за сеење, одгледување и производство  на канабис, ќе влијае на висината на цената на крајниот производ. Лекови со висока цена се непристапни за најголем дел на граѓаните со што се повредува правото на лекување.

Растението за кое постојат сé посилни и побројни докази за неговата делотворност кај многу здравствени состојби, употребата на канабисот е лимитирано со препорака на специјалисти од четири специјалистички гранки од јавното здравство со што се ограничува пристапот на пациентите до канабисот. Строгите критериуми за потенцијалните одгледувачи ќе го поддржат опстојување на нелегалните пазари и производство на екстракти од канабис со неконтролиран квалитет.

Измените криминализираат употреба на канабис за лична употреба што е спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото и спротивно на развојот на меѓународните стандарди за заштита на човековите права и унапредување на здравјето на луѓето. Предложените измени имаат номотехнички недостатоци, а најголем дел од одредбите треба да бидат поместени во правилник кој ќе ги уредува поблиските услови за спроведувањето на Измените.“, појаснуваат од ХОПС

Деталната анализата на ХОПС може да ја погледнете  ОВДЕ.