Хонорарците пред Уставен : Запрете го грабежот!

Голем број граѓани по трет пат маршираа во Скопје против новите измени во Законот за хонорарци, со кој од почетокот на 2015 година задолжително треба да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Тие денеска доставија над 6000 претставки во Уставниот суд и побараа јавна седница на која ќе се расправа за иницијативата со која се бара да се поништат, како што велат, неуставните одредби во овој закон.

Овој закон е грабеж на чесно сработената работа, истакна Симона Спировска во име на актерите. Според неа со новиот закон им се дава предност на странските актери, наместо на домашните.

„Тука сме за да ја одбраниме нашата професија од овој закон. Ние уметниците во последните неколку месеци се претворивме во економисти правејќи пресметки каде и колку треба да се уплати. Ние уметниците се претворивме во правници толкувајќи ги вашите закони и чудејќи се со каква леснотија донесувате закони со кои не крадете. Престанете со грабежот, покажете дека уметноста ви значи. Ние уметниците сме против овој закон, укинете го!“, рече Спировска.

Граѓаните првично се собраа пред Министерството за финансии, или како што го нарекоа „Министерство за грабеж“, за преку улицата „Македонија“ да се упати кон Уставниот суд. За време на маршот, толпата извикуваше „Лопови“,„Социјална правда“,„Нема правда нема мир“, „Лебот ни го зедовте“ со главната парола напред „Не за неуставните закони за хонорарците“.

Во близина на Уставниот суд беа поставени две ваги кои симболично требаше да го прикажат криминалот кој се врши врз граѓаните преку новите измени во овој закон, како и кон 6040 поднесители на претставките.

„Нелигитимната и криминална власт нема  легитимно право да предлага и да наложува законски измени коишто тангираат оромна група на граѓани. Но, не наидовме на слух кај нив. Хаосот кој го предизвикаа со неколкукратното менување на законот за хонорарци само зборува за нивната намера, а тоа е нашата правна несигурност да даде пракса. Односно, ненормалното да ни стане нормално. Дури и тие не знаат како да се имплементираат небулозните законски одредби коишто ги предлагаат, а за тоа се доказ одговорите на прашањата коишто ги добивме од Министерството за труд и социјална политика“, се обрати Гоце Марковски од „Солидарност“.

Со новите измени, вработените нема да плаќаат придонеси доколку остваруваат месечни хонорарни приходи кои се помали од износот на просечната нето плата во земјата – 21.300 денари. Тие ќе плаќаат придонеси на разликата која го надминува тој праг. Невработените пак кои примаат хонорари, нема да плаќаат придонеси само до износот на минималната плата. За секој повисок хонорар , тие ќе мора да ги плаќатат придонесите на разликата меѓу земениот износ и минималната плата.

„Тоа што мене ме мотивира да бидат денеска тука, заедно со овие 6040 подносители е ароганцијата. Ароганцијата со којашто не убедуваат дека ова е најгенијалната идеја со којашто ние ќе се чувствуваме социјално и здравствено сигурни. Дека ова е најдобриот проект кој некој би можел да го смисли. Е па, јас се извинувам, ама на таа ароганција, не можам да кажам или да спуштам глава и да молчам. Едноставно не е дозволиво со таква ароганција да се излегува на телевизија и да се кажува дека граѓаните се што ќе платат, ќе добијат такви невидени услуги што нас едноставно од утре социјалната сигурност нема да ни биде проблем. Па, дури и дрскост кон нивнте изјави за тоа како ние сме се дрзнале да бидеме денеска тука. Лажговци!“, вели активистката Јасмина Голубовска.

Од граѓанската иницијатива „Ајде“ укажуваат дека со овој закон, иако се предвидува хонорарците да имаат здравствено осигурување, тие не можат се уште да си го остварат правото, бидејќи институциите засега не можат да одговорат на таа должност.

Е.П.