Холандските возови отсега целосно се напојуваат на ветер

Сите холандски возови од 1 јануари се напојуваат со струја генерирана исклучиво од ветерници, објави националната железничка компанија NS.

„Од 1 јануари, сто посто од нашите возови работат на енергија од ветерници“, вели Тон Бун од NS.

Холандската компанија за електродистрибуција Енеко доби тендер на NS пред две години и двете компании потпишаа десетгодишен договор, поставувајќи го јануари 2018 како краен рок во кој возовите ќе мора да работат на обновлива енергија.

„Го постигнавме рокот цела една година пред планираното“, вели Бун, додавајќи дека порастот на ветерните електрани низ државата и на крајбрежјето на Холандија помогнал да ја постигнат целта.

Енеко и NS на заедничката веб страница објавија дека околу 600 илјади патници на ден се „првите во светот“ кои патуваат благодарение на ветерниците. NS има повеќе од 5500 линии дневно.

Една ветерница која работи само еден час може да напојува воз дури 200 километри. Се надеваат дека ќе ја намалат струјата која се користи по патник за дополнителни 35 проценти до 2020 година.