Холандскиот град Утрехт ќе експериментира со универзална и безусловна егзистенција

Холандскиот град Утрехт ќе започне со експеримент кој има за цел да утврди дали општеството би можело да работи ефикасно со воведување на универзални и безусловни основни приходи.

Градот се поврза со локалниот универзитет за да утврди дали концептот на еднаква „егзистенција“ за сите може да функционира во реалниот живот и планира да го започне експериментот кон крајот на летните одмори.

Основниот приход е универзална, безусловна форма на исплата на физички лица, која ги покрива нивните трошоци. Концептот ќе им овозможи на луѓето да работат повеќе флексибилни часа во помалку строго општество, што би овозможило повеќе време за грижа, волонтирање и учење.

Универзитетскиот колеџ во Утрехт се поврза со градот со цел да види дали системот на социјална заштита, без никакви барања ќе биде успешен.

Холандија е позната по своите нетрадиционални работни средини, со тоа што има најголем процент на скратено работно време на работниците во ЕУ, дури 46,1 отсто. Сепак, овој експеримент се очекува да биде прв ваков во државата.

„Пред да навлеземе во сите видови на принципиелна дебата за тоа дали треба или не да се започне, прво треба да се испита дали основниот приход воопшто би функционирал“, изјави Виктор Еверхарт, претставник на општинскиот комитет.

„Што се случува ако некој добива месечен износ без правила и контроли? Дали некој пасивно седи дома или луѓето се развиваат самите и обезбедуваат значаен придонес за нашето општество“, потенцира Еверхарт.

Градот, исто така, планира да разговара со други општини за започнување на слични експерименти, вклучително и Нијмеген, Вагенинген, Тилбург и Гронинге, додека од Хаг се чека дозвола за да се направи такво нешто.

Следниот месец, градот ќе биде домаќин на почетокот на „Тур де Франс 2015“.