Хјуман Рајтс Воч: Борбата за човекови права против популистите успева

Политичките лидери кои се подготвени да се борат за принципите на човековите права покажаа дека можат да ги ограничат плановите на авторитарните популисти, оценува невладината Хјуман Рајтс Воч (ХРВ), во нивниот „Светски извештај 2018“, кој ги анализира состојбата со човековите права во светот за минатата година.

Во извештајот се наведува дека политичките лидери, комбинирани со мобилизирана јавност и ефективни меѓународни актери, демонстрирале дека е можно да се избегне подемот на влади – противници на човековите права.

Во 28-то издание на извештајот, организацијата се осврнува на состојбите со човековите права во повеќе од 90 држави. Извршниот директор Кенет Рот, во воведниот есеј, пишува дека кога лидерите вршат силен притисок врз политичарите кои ги демонизираат малцинствата, ги напаѓаат човековите права и ги рушат демократските институции, тие можат да го ограничат напредокот на популистите.

Како најсветол пример за успешен отпор на ксенофобичниот популизам ХРВ ја издвојува Франција, каде претседателот Емануел Макрон ги прифатил демократските принципи спротиставувајќи се на кампањата на омраза кон муслиманите и имигрантите од страна на Националниот фронт. Дополнително се истакнува и отпорот против анти-имиграциските и расистичките политики на претседателот Доналд Трамп од страна на граѓански организации, новинари, правници, судии, па дури и членови на Републиканската партија во САД.

„Клучната лекција од минатата година е дека човековите права можат да се заштитат од популистичкиот предизвик. Она што е потребно е принципиелна одбрана наместо повлекување, повик за акција наместо очај“, вели Рот.

ХРВ го истакнува и отпорот врз авторитарните популистички влади во Централна Европа. Масовните протести во Полска ја попречија намерата на тамошната власт да го поткопа владеењето на правото и независноста на судството, додека заканите од правни процеси на ЕУ и меѓународната осуда ги искомплицирале плановите на унгарската Влада да го затвори Централноевропскиот Универзитет.

Извештајот ги наведува и позитивните примери на протестите против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, „Женскиот марш“ во САД кој прераснал во глобален феномен во кој милиони граѓани во светот застанале во поддршка на правата на жените, кои резултирале со политички промени во Канада, Холандија, Белгија, Скандинавија, Тунис, Јордан и Либан.

Наспроти ова, во извештајот на ХРВ, се наведува дека таму каде што властите го загушиле внатрешниот отпор и каде што недостасувала поголема меѓународна осуда, се развиле сили на популизмот и анти-човековите права, како во Турција, Египет и Кина.

„Минатата година ја покажа важноста на возвраќање кон заканата од демагозите и нивните насилни политики. Додека во 2018 ја одбележуваме 70-годишнината на Универзалната декларација на човековите права, најдобар начин за да оддадеме чест на нејзините принципи е жестоко да ги браниме од оние лидери кои бараат политички поени преку лишување на гарантираните права на маргинализираните групи“, вели Рот.

Тој предупредува на повлекувањето на властите кои беа предводници во заложбите за човековите права, како САД, Велика Британија и земјите од Европа, поради нивните внатрешните состојби. Нивната неодлучност, според него, оставила вакуум во кој се случиле големи злодела во земјите како Јемен, Сирија, Бурма и Јужен Судан.