Хелсиншки: Премиерот да го осуди насилството врз ЛГБТИ заедницата

Премиерот да излезе и јавно да го осуди насилството кое се случуваше и кое има шанси да се случува и понатаму доколку не се преземе нешто, побара директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, по вчерашниот напад врз кафе барот Дамар.

Хелсиншки: Премиерот да го осуди насилството врз ЛГБТИ заедницата

Според неа, вчерашното насилство не е насилство само врз ЛГБТИ заедницата, туку и врз активисти за човекови права, и Хелсиншкиот комитет и неговата подружница – ЛГБТИ Центарот за поддршка.

–          Ова беше шести напад по ред, досега не слушнавме ниту премиерот ниту министерката за внатрешни работи јавно да ги осудат овие напади, неколку пати потенциравме дека тоа што нема јавна осуда за насилството кое се случува брз ЛГБТИ заедницата, ќе резултира со охрабрување за продолжување со вашите напади и тоа се случи вчера, рече Пировска.

Активистите за човекови права со прес конференција пред Јавното обвинителство денеска побараа да се поднесат кривични пријави за сите лица кои шират говор на омраза преку социјалните мрежи и медиумите.

– Говорот на омраза се шири како на дел од албанските портали како што е „Илирида.нет“ на кој се прогласуваше дека местото каде што се случи настанот е слободна територија на ИСИС, така и на Фејсбук профилите на македонски хомофобични новинари Јанко Илковски и Миленко Неделковски, каде во коментарите директно се поттикнува на говор на омраза и се повикува на ликвидација на активисти за човекови права и на ЛГБТИ заедницата. Конечно, МВР наместо да ги штити спомениците, може да почне да штити живи луѓе, изјави Славчо Димитров, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Гордан Калајџиев ја повика министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска да одговори зошто се уште не се откриени сторителите на претходните напади врз ЛГБТИ лицата, како и обвинителството да си ја врши својата работа.

– Дали е причината тоа што е нападната една ранлива група, која не им е симпатична, или можеби заради тоа што се нападнати активисти за човекови права кои ги критикуваат државните функционери што не си ја вршат работата. Исто така ги повикуваме да одговорат зошто има рекорден број неоткриени и непроцесуирани кривични дела, рече Калајџиев.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски потсети дека иако ова е шести напад врз овој центар, се уште никој не е уапсен.

Во нападот на кафе барот вчера беа повредени две лица, откако насилна група од 20 до 30 лица започнала да мава со стаклени шишиња кон гостите, кои присуствувале на прослава по повод две години од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. МВР денеска соопшти дека се преземаат мерки за откривање на сторителите.