Хелсиншки комитет поднесе кривична пријава за инцидентите при избор на претседател на СПУКМ

Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против службени лица при Министерството за внатрешни работи, кои спречиле слободно собирање и изразување на протест на студентите. Кривичната пријава е поднесена против раководните службени лица кои дале наредба и униформираните припадници на Единицата за брзо распоредување кои ја извршиле наредбата, прекршувајќи ги, како што велат од Комитетот, уставно загарантираните права на мирен собир и јавен протест гарантирани во член 21.

Тие велат дека изборите за нов претседател на Студентскиот парламент, кои се одржуваа на 30 јуни,  започнале без да бидат исполнети потребните услови за одржување на изборите односно без паравани, без ливчиња со печат или жиг за избор, без избирачки списоци, што е спротивно на член 26 и член 31 од Правилникот за спроведување на избори на Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ и факултетите членки на УКИМ. За овие неправилности, апелираа и студентите од Студентски пленум, кои активно ги набљудуваа изборите.

Понатаму, според Хелсиншкиот комитет, повеќепати бил прекршуван Статутот на Универзитетот и Правилникот за спроведување избори за Претседател на Студенски парламент. Така на пример, при гласањето на Правниот Факултет, гласачката кутија била насилно грабната од член на Изборната комисија кој бил придружуван од група на непознати лица кои не биле студенти, а се движеле на Кампусот на трите факултети и се упатиле кон седиштето на СПУКМ, стационарано во зградата на студенскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“.

Нивната пријава се однесува на ситуацијата која настана во 22 часот, кога пристигна Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со оклопни возила, кои тргнаа кон студентите што беа присутни пред влезот на просториите на СПУКМ во знак на протест.

[Видео] Радио МОФ пред СПУКМ: Кирил Спировски се обиде да избега, тензијата не стивнува

„Полициските службеници од  Единицата за брзо распоредување насилно влегле во просториите на студенскиот парламент и започнале да им нанесуваат удари со нога на студентите, за да го расчистат патот за лицата кои ги носеле гласачките кутии. Со своето постапување при извршувањето на наредбата, припадниците на ЕБР сториле две кривични дела, и тоа: „Спречување и смеќавање на јавен собир“ предвидено во член 155, став  2 од Кривичниот Законик на РМ и „Малтретирање во вршењето на службата“ предвидено во член 143 од Кривичниот Законик.

Хелсиншкиот комитет смета дека со ваквото постапување службените лица при Министерството за внатрешни работи, ги ограничиле и повредиле основните права и слободи на студентите. Како граѓани на Република Македонија, тие непречено ги уживаат правата загарантирани во Уставот и меѓународните стандарди и нивните прекршувања мора да бидат санкционирани“, се вели во соопштението на Комитетот.

По изборите, следуваше протест на студентите во знак на револт против прекумерната сила употребена од припадниците на ЕБР. УКИМ, пак, овие избори ги нарече „црна дамка“ во историјата на универзитетот.