Хардкор-метал фестивалот „Востание” по вторпат во Скопје

Во петок, во Младинскиот културен центар, со почеток од 19:30 часот ќе настапат пет бендови од Македонија, Бугарија и Србија, кои ќе го одбележат второто издание на хардкор-метал фестивалот „Востание“. Настанот ќе го отворат Unending Fury, скопскиот треш метал состав кој во моментов го финишира својот деби албум.

Струшко-Охридската комбинација Scattered по подолго време ќе настапи во Скопје, овој пат со посебен повод, односно концертно ќе го промовираат нивниот нов албум „Extrospection”.

Од Србија, за првпат во Скопје ќе настапуваат Blankfile, белградскиот хардкор-панк состав, кој веќе има неколку изданија и голем број концерти зад себе, а се уште е свеж нивниот албум „We Are“.

Крајот на вечерта е резервиран за два бенда за кои фестивалот ќе значи почеток на нивната заедничка Источноевропска турнеја. Охридските Hardfaced, најактивниот домашен метал-хардкор состав, с0 три студиски албуми позади нив, меѓу кои и најновиот „Dying Lake3. Скопје ќе го означи почетокот на нивната четврта Европска турнеја во последните две години. Моментално бендот настапува како петторка.

Покрај нив, ќе настапат и легендите на балканската хардкор сцена, Last Hope од Софија, бендот кој годинава ја прославува својата дваесет годишнина со новиот албум „Chain Reaction”.