ХААРП ги отвора вратите на јавноста за да ја убеди дека не може да контролира цели климатски системи

ХААРП (High Frequency Active Auroral Research Program) е огромна јоносферска истражувачка станица во дивината во Алјаска, која често е мета на теоретичарите на заговор. ХААРП е често обвинувана дека е супероружје кое предизвикува бури и земјотреси, па дури и уред за „контролирање на умот“.

Новите управители на ХААРП, Универзитетот Фербенкс на Алјаска, не се задоволни со таквите тврдења, па поради тоа ја покануваат јавноста да дојде во станицата оваа сабота и бесплатно да се увери дека спроведуваат само истражувања. На отворената тура ќе може да се научи за сите тековни истражувања, да се посети мобилниот планетариум, изложба на замрзнати предмети, научно предавање, па дури и забава со скара.

„Се надеваме дека луѓето ќе успеат да ја видат вистинската наука зад ХААРП. Сакаме да им покажеме дека не сме способни да читаме мисли и да ја контролираме климата, и сите други нешта за кои сме обвинети“, вели портпарол од Универзитетот на Алјаска.

ХААРП е финансирана од Воздухопловните сили и Морнарицата на САД, иако од 2013 година е под контрола на Геофизичкиот институт на Универзитетот на Алјаска. Основната цел на станицата е да ја истражува и мери јоносферата на највисоките слоеви на Земјината атмосфера. Бидејќи овој дел од атмосферата игра голема улога во трансмисијата на радио сигнали и геофизички процеси, има многу научни, цивилни, но и воени примени.

Веројатно токму поради оваа врска со војската, станицата е често мета на теориите на заговор. Ова се некои од најпопуланите и најкреативните:

-Хуго Чавез, поранешен претседател на Венецуела, тврдеше дека ХААРП го предизвика земјотресот на Хаити.

-Борачот и политички коментатор Џеси Вентура тврди дека ХААРП бомбардира луѓе низ цел свет со радио бранови кои можат да го контролираат умот.

-Руски воен весник пишуваше дека ХААРП може да ги „преврти“ магнетните полови на Земјата.

-„Хемиските патеки“ се дел од програмата на ХААРП за климатска модификација.

-Вселенскиот шатл Колумија бил соборен во 2003 како „вежби за стрелање“ за проектот ХААРП.

-ХААРП е измислен од Нацистичка Германија.

Сите оние кои се несигурни во вистинитоста на овие тврдења, велат од Универзитетот, можат слободно да дојдат во Алјаска на бургер и предавање со научниците на ХААРП во сабота.