Гугл презентираше нов систем со вештачка интелигенција „кој сам создава знаење“

Во огромен напредок за вештачката интелигенција, АлфаГо Зиро системот научи сè што може за кинеската древна игра го, без помош од човек, за само три дена.

Групата на Гугл која работи на развој на вештачка интелигенција, ДипМајнд, ја откри најновата своја креација – усовршен АлфаГо систем кој научил сè што луѓето учеле за играта илјадници години, па дури и додал свои потези со кои победува, во рок од три дена.

Именуван АлфаГо Зиро, системот со вештачка интелигенција се смета за огромен напредок бидејќи ја научил играта од почеток без претходно програмирање да ги знае правилата. Играјќи против АлфаГо системот од 2015 година, кој го порази шампионот Ли Седол од Јужна Кореја, АлфаГо Зиро победи со резултат 100:0.

Овој систем се смета за голем чекор кон развивањето на програми со вештачка интелигенција кои ќе служат за секакви намени. Бидејќи АлфаГо Зиро учи самиот без никакво претходно познавање, неговите таленти сега може да се искористат за решавање на реални проблеми.

Во ДипМајнд, чие седиште е во Лондон, АлфаГо Зиро учи како се формираат протеините, што е огромен научен предизвик.

„За нас АлфаГо не е само систем кој учи како да игра го“, вели Демис Хасабис, извршен директор на ДипМајнд и истражувач во тимот. „Ова е и голем чекор кон градење на овие алгоритми за генерална употреба“. Повеќето системи со вештачка интелигенција се опишани како „тесни“ бидејќи изведуваат само една задача, како преведување на јазици или препознавање на лица, но вештачката интелигенција со генерална употреба потенцијално ќе ги надмине луѓето во многу различни вештини. Во наредната деценија, Хасабис верува дека потомците на АлфаГо ќе работат заедно со луѓето како експерти за наука и медицина.

Постарите верзии на АлфаГо ги учеа потезите преку тренирање на илјадници игри играни од луѓе, и аматери и професионалци. АлфаГо немаше таква помош. Наместо тоа, учеше само преку играње со себе милиони пати.

„Помоќен е од претходните пристапи бидејќи не користеше никакви човечки податоци или човечка експертиза на ниту еден начин. Така, ги отстрани препреките на човековото знаење и успеа сам да создаде свое знаење“. Вели Дејвид Силвер, главен истражувач на АлфаГо.