ГТЦ Форум: Граѓаните уште еднаш му кажаа НЕ на барокот

ГТЦ Форум: Граѓаните уште еднаш му кажаа НЕ на барокотУниверзитетски професори, теоретичари, актери и новинари, граѓани синоќа се собраа пред споменикот на Славко Јаневски во паркот „Жена борец“, за да му кажат „не“ на планот со кој Градскиот трговски центар треба да биде облечен во барок. Како што пренесе Нова, тие побараа да запре спорниот проект и да се зачува автентичноста на објектот. Синоќешниот настан беше трет од серијата настани „Го сакам ГТЦ“, овојпат насловен „ГТЦ Форум“, на кој свое обраќање имаа голем дел од присутните.

Истовремено продолжи и собирањето потписи за петицијата „Го сакам ГТЦ“ на која досега се потпишани повеќе од 5.000 граѓани. Со неа се бара зачување на објектот во оригиналната форма,таков каков што го создаде познатиот архитект Живко Поповски во 1971 година.

Акцијата за спас на ГТЦ од барокот почна пред две седмици. Граѓаните прво заеднички го гушнаа ГТЦ и со жив ѕид околу него порачаа дека нема да дозволат да стане барокна зграда. Една недела подоцна, оваа акција беше проширена во паркот „Жена Борец“, кога присутните покрај останатото, упатија пораки до управата на ГТЦ и до архитектите на новата фасада, укажувајќи на одговорноста што тие ја имаат кон ова мсто.

Како што најавија од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, од први јули секој четврток ќе организираат настани за зачувување на ГТЦ кој со новиот план треба да се затвори, да добие три куполи, многу бронзени украси, антички столбови и тераса со скулптури.