Граѓанските здруженија бараат вклучување во преговорите за излез од кризата

Неопходно е директно учество на граѓанското општество во преговорите за излез од кризата и за демократизација на Македонија, стои во писмото кое го упатија деведесетина граѓански организации, движења и инцијативи до делeгација на ЕУ во Македонија, Амбасадата на САД и четирите политички партии кои се дел од преговорите.

Писмото го пренесуваме во целост:

„Граѓанското општество е збир на индивидуи, групи, организации, заедници и движења со јасно артикулирани политички ставови, што не се монолитни, кои дејствуваат за подобрување и демократизација на општеството и за застапување на интересите на граѓаните.

Поаѓајќи од уставно загарантираната можност за непосредно изјаснување на граѓаните (член 2 од Уставот на РМ) и од уставната слобода за здружување (член 20 од Уставот на РМ) заради остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, убедени сме дека сега е вистинскиот момент што е можно повеќе граѓани да ги исползуваат овие демократски можности, со цел да се вклучат во решавањето на политичката криза и со тоа, да им помогнат на општеството и на државата.

Имајќи ги предвид ваквите заложби и определби на граѓанското општество, нашите организации, групи, коалиции и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата преку давање соодветни експертски анализи и предлози, како и друг вид советодавна помош и преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување на нивните права, интереси, потреби и барања.

Веќе 18 месеци трае интензивната фаза од политичката криза во Македонија, а исто толку траат и напорите на меѓународната заедница и на најголемите политички партии за нејзино решавање. Досегашните преговарачки напори дадоа само делумен резултат, недоволен за целосна доверба на граѓаните во зацртувањето јасен план за демократски излез од длабоката политичка криза. Граѓаните беа незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и од неможноста да се вклучат и да помогнат во процесот.

Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја.

Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес, да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите. Веруваме дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните, а со тоа, ќе се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства.
Поради ова, сметаме дека граѓанското учество во решавањето на кризата е од суштинско значење, и тоа, поради повеќе силни причини:

1. Ќе се обезбеди набљудување на преговарачкиот процес од позиција на граѓанскиот сектор, водејќи се притоа според начелата на работа на граѓанските организации: независност, транспарентност и јавност, непрофитност, непартиско дејствување и иницијативност во јавниот живот.
2. Ќе се гарантира навремено, целосно и веродостојно презентирање на информациите од преговарачкиот процес пред граѓаните на Република Македонија, а во интерес на зголемување на транспарентноста и довербата на граѓаните во самиот процес.
3. Ќе се овозможи ставовите на различните заинтересирани граѓански сектори и заедници да бидат претставени и чуени од страните во преговорите.
4. Ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти и на тој начин, ќе се понудат решенија кои партиите инаку не би ги имале предвид. Потенцијалните експертизи и стручни мислења можат реално да помогнат полесно да се дојде до договор, а исходот да биде поквалитетен и во корист на правата и интересите на граѓаните.

Овој модел подразбира присуство на различни претставници на граѓанскиот сектор за време на сите разговори и преговори кои го сочинуваат процесот. Во улога на директни набљудувачи и консултанти, ќе учествуваат најподготвените и најстручните за темите кои ќе бидат предмет на разговори и преговори.
Исто така, овој модел го дефинира мандатот на граѓанските претставници како проценители на сегашните состојби во клучните области, како предлагачи на стручни решенија и како набљудувачи кои ќе вршат мониторинг на спроведувањето на решенијата договорени во текот на преговорите.

Креираниот модел на учество во разговорите и преговорите ќе овозможи граѓанските претставници да се водат според однапред договорени принципи на учество и начин на известување, рамка која ќе обезбеди доверба кај граѓаните и учество во решавањето на политичката криза.

Граѓанската вклученост не треба да подразбира дека претставниците на граѓанското општество имаат претставнички мандат, ниту дека тие претставуваат гласачко граѓанско тело. Следствено, претставниците на граѓанскиот сектор нема да имаат улога, надлежност и мандат да одлучуваат во рамки на преговорите. Тој мандат го имаат партиите кои преку делегирани пратеници во Собранието, треба да ги преточат договорените услови во практични законски решенија коишто потоа, владините институции и независните тела треба да ги спроведат.

Протестното движење е ресурс и платформа која стои на располагање да го модерира процесот на комуникација во рамките на граѓанскиот сектор, со цел да се овозможи размена на информации меѓу организаторите на преговорите и страните заинтересирани за учество, како и да обезбеди диверзитет и инклузивност. Протестното движење стои на располагање да се стави во функција на комуникациски канал преку кој сите заинтересирани страни ќе може да ги пренесат своите експертизи во роковите и процедурите кои ќе ги наложат организаторот и процесот.

Поради суштинската и итна потреба од демократизација на нашето општество, бараме да се уважи потребата од граѓанско учество во решавањето на кризата. Бараме претставниците на меѓународната заедница и претставниците на политичките партии вклучени во преговорите веднаш да донесат одлука за директно учество на претставници на граѓанскиот сектор во тековните политички разговори и преговори.“