Граѓанските организации да се вклучат во одлучувањето за проекти од прекуграничната соработка

Граѓанските организации во Македонија се соочуваат со предизвици при имплементацијата на проектите за прекугранична соработка и потребно е нивно учество во изработката на програмите во оваа област, покажува новото истражување „Учеството на граѓанските организации во прекуграничната соработка“, спроведено од Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА).

Република Македонија има 4 програми за прекугранична соработка, со Бугарија, Албанија, Грција и Косово кои се финансираат со средства од Европската унија. Програмата за соработка со Србија треба да започне оваа година.

Во периодот 2007-2013 година во овие 4 програми биле финансирани 206 проекти со вредност од 24.610.426 евра за македонските партнери. Во програмите учествувале општини, граѓански организации и други образовни, здравствени и културни институции.

„Предизвиците со кои граѓанските организации се соочуваат при имплементацијата на проекти за прекугранична соработка се финансиската стабилност за реализација на проектот. Всушност, иако Македонија е единствената земја од регионот која го покрива потребното кофинансирање од 15%, средствата се префрлаат откако проектот завршува и временскиот период е долг поради што граѓанските организации се соочуваат со финансиски проблеми“ изјави Ивана Петровска, истражувач и директор на АЛДА Скопје на презентацијата на истражувањето.

Процесот на планирање на програмите за прекугранична соработка е партиципативен, меѓутоа граѓанските организации треба да бидат повеќе вклучени. Исто така, иако граѓанските организации се целосно вклучени во имплементација на проекти, тие воопшто не се вклучени во процесот на донесување на одлуки во програмите за прекугранична соработка. Имено, ниту една организација од Македонија не учествува во работењето на Заедничкиот комитет за следење, тело кое донесува одлуки во рамките на програмите за прекугранична соработка.

Кога станува збор за соработката на граѓанските организации со општините, истакнато е дека прекуграничната соработка може да биде поттик за воспоставување на партнерски односи. Всушност, самата природа на прекуграничната соработка е да поттикнува соработка помеѓу различни чинители на локално ниво со цел да се обезбеди трајност и одржливост на проектите кои ќе бидат во корист за заедницата.

„Со цел да се обезбеди поголема улога на граѓанските организации во прекуграничната соработка, еден од предлозите од истражувањето е да се вклучат граѓански организации во телата за одлучување, барем како набљудувачи. Исто така, од голема важност е да  се воспостави таканаречен Гарантен фонд за доделување или позајмување на средства на организациите кои имплементираат европски проекти. Тоа значително ќе помогне на граѓанските организации во нивното административно и финансиско управување со ЕУ проектите“, додаде Петровска.

Истражувањето беше реализирано во рамките на проектот „Граѓанските организации: носители на прекугранична соработка“ како дел на ИПА 2 механизмот.

ИПА 2 механизмот е мрежа на граѓански организации кои се залагаат за поголемо учество на граѓанскиот сектор во програмирање на европските фондови.

//