Град Скопје: Со кружниот тек нема да се затвораат улици и пристапи до домови

Градот Скопје негира дека одредени жители ќе останат без пристап до своите домови и нема да се затвораат улици, во рамки на проектот за пробивање на булеварот „Србија“ до улица „Христо Татарчев“, каде ќе се изгради и кружна крстосница.

Жители од скопска Кисела Вода уште вчера протестираа, а денеска со жив ѕид се противеа на идејата нивните улици да бидат оградени со ѕидови до два метри, но од Град Скопје тврдат дека изградбата на проектот се одвива согласно со сите законски прописи и се испочитувани сите законски одредби, од проектирањето до изведбата.

Градските власти велат дека неколку години изградиле 7 кружни крстосници, како и голем број булевари и инфраструктурни проекти, и досега не се случило со нивната изградба на кој било да му се оневозможи пристап до неговиот дом.

„Апелираме до жителите на оваа локација да не веруваат во разните невистинити инфирмации коишто циркулираат во јавноста и за сите информации да се обратат до Градот Скопје и Општина Кисела Вода. Градот Скопје и натаму ќе биде во контакт со жителите, изведувачите и Општина Кисела Вода за надминување на сите проблеми и недоразбирања околу овој проект“, велат од Градот.

Од таму потенцираат дека булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува на потег со вкупна должина од 868 метри, каде што ќе се оформат 4 сообраќајни летни со ширина од 3,5 метри, додека целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација изнесува околу 1.400 метри.

„На крајот од новиот булевар ќе има и кружен тек, кој ќе се формира меѓу булевар ‘Србија’, улицата ‘Христо Татарчев’ и улицата  ‘Христо Татарчев крак 2’, со дијаметар од 36 метри“, соопштуваат градските власти.