Град Скопје реконструира 13 средни училишта

25,5 милиони денари, или нешто над 400 илјади евра, вложува Градот Скопје во реконструкција на објектите и спортските сали на 13 средни училишта во главниот град за време на овој летен распуст, информирааат градските служби.

Од Градот Скопје известуваат градежните зафати се прават за подобрување на условите во кои учат средношколците и во кои работи наставниот кадар, посочувајќи дека реконструкциите се изведуваат за да се исполнат стандардите за енергетска ефикасност и за подобрување на функционалноста и изгледот на училишните објекти.

Во моментов се вршат работи на реконструкција на фискултурната сала и работилниците за практична настава во средното училиште „Михајло Пупин“, додека најавени се и градежни работи на училиштата „Зеф Љуш Марку“ (замена на покрив), „Марија Кири Склодовска“ (подови во лабораторијата), „Боро Петрушевски“ (подови и санитарни јазли) „Браќа Миладиновци“ (внатрешни врати), „Цветан Димов“ (прозорци), „Здравко Цветковски“ – фасада; „Георги Димитров“ – обнова на дворна површина; „Лазар Танев“ (подови), „Раде Јовчевски Корчагин“ (обнова на покрив, дворна површина и подови), „Васил Антевски Дрен“ (столарија и тоалети), „Арсение Јовков“ (фасада) и во „Јосип Броз Тито“ (столарија).