GoPro ќе произведува сопствени дронови

Камерите GoPro често се користат прикачени на ткн. дронови, за да снимат уникатни видеа и перспективи. Природно, компанијата сака да ги елиминира посредниците и да заработува директно, со производство и продажба на сопствени дронови за широка потрошувачка. Издржливите, мали камери со висока дефиниција GoPro станаа хит во изминатите години, а новата серија мини-хеликоптери кои ги подготвува компанијата ќе се продаваат по цени меѓу 500 и 1000 долари, пишува Wall Street Journal.

Поради огромната популарност на дроновите потрошувачите имаат голем избор на евтини модели – некои од нив се продаваат и за само 100 долари. Засега не е јасно какво влијание на овој пазар ќе има лансирањето на дроновите GoPro, некои произведувачи најверојатно ќе престанат со поддршката за GoPro со нивната технологија, затоа што би поддржувале директен конкурент.

Во октомври годинава, GoPro ја пушти во продажба својата последна линија на камери „Hero“, кои се продаваат по цени меѓу 130 и 500 долари. Засега, од компанијата нема коментар за написите во кои се прогнозира дека таа влегува на пазарот на дронови.