Голем музички фестивал во МКЦ по повод 25 години Канал 103

Со голем музички фестивал Канал 103 ќе го одбележи 25-тиот роденден. Централната прослава е закажана на 14 мај, во Младинскиот културен центар во Скопје, кога ќе настапат специјалните гости од САД, култните Psychic TV и нивните словенечки сопатници Aikula.

Бидејќи еден од клучните фундаменти во програмската ориентација на музичкото радио е промоција и поддршка на македонската независна музичка сцена, храбра и прогресивна, надвор од сите текови на пазарната ,,културна” трансакциска размена наречена естрада, на концертот ќе настапт и 10 македонски бендови и артисти.

Публиката ќе има можност да ги слушне КННТ, Миллко, ПМГ Колектив, Fighting Windmills, Голи Деца, Lepi Xhoni, Новиот Почеток, Сусијат, Палиндром и Ноиту.

Сметаме дека нејзините претставници се вистинските херои на современата македонска култура, без владини субвенции и со непостоечки музички пазар, но со музичка мисла и став протегнати далеку зад границите упорно ни докажуваат дека поривот за слободно изразување сепак е посилен од сите прагми на опкружувањето во 21 век, велат од Канал 103.

Нивните настапи ќе можете да се проследат на двете сцени во МКЦ, во Денсинг салата и во холот на Кино Фросина.

Прославата ќе биде збогатена со пригодна уметничка поставка во галерискиот простор на МКЦ. Овој пат се истражуваме историјата на македонскиот рокенрол во контекст на 25 годишното постоење на Канал 103, како два клучни (суб)културни патокази во современата македонска историја. Идејата и концептот ќе бидат реализирани низ една модерна и мултимедијална визура поставена од академскиот сликар Атанас Ботев.