И годинава само 100.000 евра државни субвенции за сончеви колектори

Државата и годинава ќе додели само 6 милиони денари (околу 100.000 евра) субвенции за граѓаните кои ќе вградат сончеви колектори. Огласот денеска го објави Министерството за економија, а граѓаните може  да поднесат барање за субвенции до 31 мај. Субвенцијата изнесува до 30 проценти од трошоците, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност.

Ова е седми оглас за субвенционирање за сончеви колектори. Државата досега има исплатено 43 милиони денари на шесте огласи објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013. и 2014 година. Добитниците од овогодинешниот оглас ќе се извлекуваат јавно на 6 јуни. Граѓаните кои веќе го искористиле правото на субвенции во текот на претходните години не можат повторно да се пријават на огласот. Покрај образецот за барање, заинтересираните странки треба да достават фискална сметка и фактура со извод од деловна банка како докази за извршено купување на колекторскиот систем.

Целта на програмата е стимулирање на користењето на сончевата енергија во Македонија. Вложувањето во ваков зафат овозможува просечна годишна заштеда во износ од 8.400 денари по домаќинство. Инсталирањето на сончеви колектори ја намалува потрошувачката на електрична енергија за околу 2.400 киловат часови по објект во период од 12 месеци. Доколку сите домаќинства во земјава, околу 500.000, инсталираат соларен термален колектор во својот дом, годишно ќе се заштедат 144.000 киловат-часови струја.