Го сруши Гинисовиот рекорд поминувајќи го светот со велосипед за 78 дена

Шкотскиот велосипедист Марк Бомонт го сруши досегашниот Гинисов светски рекорд кога прв пат околу светот, приближно 29.000 километри, ги помина со велосипед за помалку од 80 дена.

Тој возел по 18 часа на ден и согорувал повеќе од 9000 калории секои 24 часа поминувајќи ги Полска, Русија, Монголија, Кина, Австралија и Соединетите Држави.

Бомонт, кој во понеделникот го заврши својот велосипедски маратон пред Триумфалната капија во Париз, рече дека едвај одел во текот на тие два и пол месеци.

На деветтиот ден од маратон, паднал и скршил заб и го повредил лактот и поради несреќата речиси се откажал, но одлучил да не се предаде.

„Ме мачеше недостатокот на сон. После недели и недеил и долги часови, во главата продолжив да се борам. И мораш да одлучиш дека никогаш нема да запреш“, изјави Марк.

Патувањето со велосипед околу светот траеше 78 дена, 14 часа и 40 минути. Претходниот рекорд го држеше Новозеланѓанинот Ендру Николсон кој во 2015 година овој потфат го оствари за 123 дена.

Официјалните лица од Гинис за светски рекорди на Бомонт му предадоа два сертификати – првиот за рекордот за патување околу светот, а вториот за најголема километража која ја поминал со велосипед за месец дена.