„Го сакам ГТЦ до Иванов“: Ќе оставиме историјата да Ве запамети како претседател кој премолчил референдум

Граѓанската иницијатива #ГоСакамГТЦ денеска реагираше на молкот на претседателот Ѓорге Иванов. Од иницијативата велат дека веќе две недели не добиле одоговор на барањето за средба со претседателот бидејќи им било кажано дека се подготвува за патување.

Според членовите на иницијативата, Иванов е должен да се произнесе со став од морална одговорност, како претседател на Македонија, како жител на Општина Центар, но и како политиколог и професор на правниот факултет при УКИМ.

„Сосема на крајот, би сакале да Ве потсетиме и на една ваша изјава во врска со референдумот од времето кога бевте професор по политички науки. Според Вас „Референдумот, по дефиниција, претставува највисок облик на демократија“. Ве прашуваме, Претседателе, дали во меѓувреме се сменила оваа дефиниција или, пак, можеби, откако станавте Претседател, Вие заборавивте што е демократија?

Дозволете да Ви ветиме дека повеќе нема да Ви додеваме и ќе оставиме историјата да Ве запамети како Претседател кој одмолчил референдум во својата земја.

Со Вашата поддршка или без неа, референдумот в недела ќе биде успешен, а граѓаните на Центар ќе излезат на гласање и ќе одржат вистински час по демократија“, се вели во реакцијата.

Во меѓувреме, продолжува кампањата наменета за да ги поттикне граѓаните од општина Центар да излезат на референдумот за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ. Иницијативата објави официјално промо-видео за референдумот за Градскиот Трговски Центар, кој ќе се одржи на 26 април. Видеото е насловено „Што правиш ти за слобода?“

Утре ќе се промовира публикацијата „111 тези за ГТЦ“ во мобилната/монтажна галерија на Центарот за современи уметности кај Паркот на франкофонијата во Скопје, со почеток од 12 часот. Вечерта пак, во 20 часот ќе се одржи голем завршен настан каде ќе се одржи уште едно гушкање на зградата на ГТЦ.