Главна награда за филмот „Исцелител“ на филмскиот фестивал Санта Барбара

Филмот „Исцелител“ ја освои главната награда за најдобар интернационален филм на престижниот филмски фестивал Санта Барбара во Холивуд, соопшти на социјалните мрежи режисерот Ѓорче Ставрески.

Филмот се прикажуваше во компетитивна селекција на интернационални филмови заедно со уште 11 филмови, на 32-рото издание на фестивалот Санта Барбара во Калифорнија.

Со своите активности тој последните години е еден од водечките филмски фестивали во Соединетите Американски Држави, кој нуди дела од независната и интернационална кинематографска сцена и привлекува повеќе од 90,000 гледачи. Во склоп на фестивалот се оддаваат и посебни признанија на филмските ѕвезди. Некои од добитниците на наградите од изминатите години се Анет Бенинг, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино, Џенифер Лоренс и Шарлиз Терон, а овогодинешна добитничка е Серше Ронан за улогата во филмот „Lady Bird“.